spot_img
9.8 C
Skopje
четврток, септември 22, 2022
spot_img

Вуков за летната пауза во трките: „Тоа не е за мене“!

Македонскиот возач Ристо Вуков е упорен во своите настојувања да постигне респектабилен резултат во светот на трките што ги задоволува неговите високи критериуми, кои се базираат на претходните победи и резултати од светот на картингот.

Иако во неколку наврати посочуваше дека го избрал Порше Карера Куп како „вистинска отскочна даска“ во светото на спортските ГТ-возила, во извесна мерка беше „жртва“ на воведувањето на нова генерација на автомобили, со што неговиот прогрес беше за нијанса забавен.

– Иако автомобилот е нов, тој е нов за сите. Она што прави разлика се тренинзите, а јас најчесто имам само еден тренинг пред трката, додека моите ривали имаат можност почесто да возат и да го запознаваат возилото. Уште ги бараме деталите, оние мали нешта кои ги знаат само добрите познавачи, бидејќи кога автомобилите имаат иста спецификација, само оној што ќе погоди на пример која е навистина идеалната мерка за притисок во гумите, или за отпор на воздухот на задното крило, тој може да се надева на добар резултат. Имаме шест трки со шест различни победници, тоа доволно кажува,- вели Вуков осврнувајќи се на првите трки од 2022 година.

За своите шанси вели дека ги има почесто, но се уште работи на тоа „да ги сложи коцките“ како што треба, во еден „нормален“ викенд кој би имал стабилни временски услови.

– На првите три гран при викенди реално сметам дека потфрлив во квалификациите на првата трка во Имола. На втората во Мизано, прво возевме ноќна трка, но најдобро позициониран бев во дневната. Додека се борев за позиција се изврте возач пред мене и морав да го заобиколам преку тревата и да ги уништам гумите. На последното гран при во Муџело, имав најдобар пласман во квалификациите, но ме удрија и морав да се повлечам од трката. Едноставно, ја чекам онаа трка во која нема да имам потреба од оправданија за било што, само посакувам еден „нормален“ викенд, со непроменети временски услови од квалификации до трка.

Иако до крајот има уште три гран при викенди, целото внимание на Вуков е сконцентрирано на она што доаѓа следно, трката на патеката Валелунга крај Рим.

– Тоа е техничка патека со многу поинаква конфигурација, каде што доминираат долгите и бавни свици. Цело лето мислам само на неа, тренирам за физичката кондиција и возам картинг за да останам во форма. Сфатив дека летната пауза не е за мене, мора да го подигнам нивото уште малку. Едноставно, не чувствувам дека треба да се опуштам, напротив! Разликите меѓу возачите и автомобилите се мошне мали, па и најмалите грешки скапо се плаќаат. Очекувам тимот да направи добар сет-ап на возилото и да добијам шанса за респектабилен резултат!

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести