Украина со помош на оружјето на НАТО најавува голем контранапад на југот на земјата со цел да го ослободи тој дел од Украина. Претседателот Володимир Зеленски ги собра генералите и им нареди да направат план кој ќе вклучува милион војници опремени со западно оружје.
Министерот за одбрана за медиумите изјави дека целта е да се ослободи областа на Црното Море, која е од витално значење за украинската економија.
– Политички гледано, тоа е клучно за нашата земја. Претседателот дал наредба, сега останува на воените функционери да направат план – рече Резников и додаде дека е во постојан контакт со западните колеги на кои детално им објаснува какво оружје и треба на Украина.
– Задоволен сум од соработката со земјите од НАТО, но мора да биде уште побрза
Дека нешто се случува на југот на земјата сведочи и веста објавена од украинската армија, а која наводно гласи: „Го ослободивме селото Иваника во областа Херсон. Единствено што најдовме таму е уништеното руско оружје … ”
Се уште нема официјална потврда дека овие наводи се вистинити.
Сепак, украинската вицепремиерка Ирина Верешчук вчера ги предупреди цивилите во областа Херсон под руска окупација да ги напуштат своите домови бидејќи украинските вооружени сили подготвуваат контранапад таму, без да прецизира кога тоа би можело да се случи.
– Сигурно знам дека таму не треба да има жени и деца и дека не смееме да дозволиме тие да станат „човечки штитови“ – рече Верешчук.
Сепак, планот на Украина е комплициран поради континуираното силно таргетирање на неосвоените градови низ земјата од страна на Москва.
Во неделата беше погодена петкатница во градот Часив Јар на истокот на земјата, а во нападот загинаа 15 лица, додека дваесетина од нив се уште се заробени во урнатините.
Андриј Јермак, началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека нападот е „уште еден терористички напад“ и дека Русија треба да биде означена како терористичка држава.
Исто така, украинската страна денеска соопшти дека руските сили ја бомбардираат целата источна територија, бидејќи сакаат да го окупираат индустрискиот центар Донбас. Сметаат дека жестокото гранатирање е подготовка за уште поголемо засилување на нападот.