20.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Обраќање на претседателот Пендаровски на националната дебата за изборните реформи во Северна Македонија

Со задоволство ја прифатив поканата на Институтот за европска политика да се обратам на оваа дебата посветена на реформите во изборниот процес.

Изборните реформи се исклучително важно прашање што го дефинира демократскиот развој и амбиент буквално во секоја држава во светот. Во таа смисла, нашето национално искуство во последниве три децении на плурални избори е различно. Повеќепартиските парламентарни избори во 1990 година беа нашето прво демократско искуство. Многумина имаат заборавено, да се потсетиме на статистиката. На изборите учествуваа 18 партии и 43-ца независни кандидати, а беа избрани 11 партии и тројца независни пратеници. Повозрасните паметат дека тогаш во Собранието за прв пат слушнавме различни мислења, ставови и предлози кои поаѓаа од различни партиско-политички платформи што бездруго беше додадена вредност на нашата парламентарна демократија. Меѓутоа, независно од сите политички и идеолошки разлики меѓу нив, пратениците од тој парламентарен состав успеаја во огромно мнозинство да се обединат околу стратешките државни интереси, на пример околу референдумот за македонската независност, првиот Устав на независна држава, системските закони, монетарното осамостојување и евроатлантска ориентација на државата.

За жал, низ годините и со модификацијата на изборните модели, од мнозински, прво преку комбиниран в0 1998 година, па се до чисто пропорционален со шест изборни единици од 2002-та, се намалуваше плуралноста и според бројките и според содржината, да бидеме реални. Помалите партии или се претопуваа во две-три големи предизборни коалиции или, заедно со независните кандидати исчезнуваа од македонската политичка сцена бидејќи не можеа да го достигнат ниту тн. природен изборен праг. Прашање кое бара сериозна политичка анализа е дали поголемата плуралност во раните 1990-ти значеше и помала политичка поларизација меѓу политичките субјекти и помеѓу граѓаните, и обратно, но, првичниот впечаток е токму таков.

Критичарите на нашиот актуелен изборен модел истакнуваат дека неговите негативни ефекти се зголемена централизација на моќта во политичките партии што го стеснува просторот за внатрешнопартиска демократија и следствено, тоа значи помала одговорност за лидерствата, како и развој на политичкиот клиентелизам помеѓу членовите и гласачите на конкретниот политички субјект. Иако е јасно дека ваквиот демократски дефицит не може да биде резултат само на изборниот модел, сепак, неговите специфики имаат свое влијание врз опстојувањето на овие негативни појави во нашиов општествено-политички контекст.

Почитувани,

Мојот став со години наназад е дека на долг рок Република Северна Македонија ќе биде подемократска држава ако повеќе политички субјекти бидат дел од еден подиверзификуван парламент. Тоа ќе значи дека повеќе граѓани ќе бидат претставени преку свои репрезенти во законодавниот дом, а во крајна линија тоа ќе придонесе не само за зголемена одговорност на партиите кон бирачите, туку и за враќање на довербата на граѓаните во институциите.

Уште на почетокот на мојот мандат ја поддржав иницијативата на неколку политички субјекти за реформа на актуелниот изборен модел. Генерално, мојата поддршка беше за создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи, (ова намерно го нагласувам), како и намалување на бројот на изборни единици на целата територија на државата. Во таа прилика ги повикав политичките партии од власта и од опозицијата да ја разгледаат можноста за изборна реформа и со политички консензус да постигнат договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, каде што граѓаните ќе имаат можност не само да избираат од политичките  партии, туку да избираат и кандидати, односно, личности. Инаку, според мене, едно исклучително важно прашање за натамошната демократизација на земјата – отворените листи на кандидати за пратеници, во сите досегашни дебати на оваа тема се неправедно потиснати во втор план во однос на прашањето за бројот на изборните единици.

Лично сметам дека намалувањето на бројот на изборните единици со непостоечки или минимален изборниот праг, како и отворените листи, имаат потенцијал прво да ја збогатат парламентарната дебата и да придонесат за намалување на поделбите меѓу граѓаните. Исто така, верувам дека тоа ќе придонесе за зголемување на демократската политичка култура и поголем ангажман на граѓаните во политичкиот процес од кои, за жал, тие се повеќе апстинираат како што годините одминуваат. Впрочем, една од одликите на секое слободно и демократско општество е токму способноста, конструктивно, низ институциите, да се справи со разликите и несогласувањата кои природно постојат меѓу нас. А клучната институција за таквите дебати е највисокиот дом на демократијата – Собранието на Република Северна Македонија.

На крајот, дозволете ми да упатам уште еден апел до сите учесници на денешнава и на сите идни дебати на оваа тема, а, посебно до оние кои во иднина ќе одлучуваат за промени во изборниот модел. Имено, при разгледувањето на можните опции да се водат, пред сé, од јавниот интерес и подобрата иднина за сите наши граѓани, а помалку од партиските или личните интереси. Затоа што во зрелите демократии, никој не е вечно на власт.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести