spot_img
21.8 C
Skopje
недела, мај 22, 2022
spot_img

Давидовски ќе стартува прв во Франција: Имам доверба во тимот!

Виктор Давидовски ја вози својата петта сезона во ТЦР Европа, а викендов настапува на француското гран при.

Добрите перформанси на возилата Ауди од тимот „Comtoyou Racing“ беа најавени уште на петочните тренинзи кога тројцата возачи беа во првите шест. На квалификациите пред првата трка, пол позицијата ја освои Том Коронел, кој потоа стигна и до победата, пред Франко Џиролами кој напредуваше во второто место откако беше петти на стартот. Виктор Давидовски се најде на 10. место во квалификациите, за во првата трка да заврши како шести, престигнувајќи ги притоа поранешниот шампион Џош Фајлс и искусниот Пепе Ориола.

За втората трка која се вози в недела од 12 часот и 10 минути, Давидовски ќе стартува од првото место, согласно правилата стартната десетка да ги изротира своите позиции.

– Имаме дијаметрално различен викенд од првото гран при во Португалија. Ако тогаш се уште не бевме ускладени со инженерите од новиот тим, веќе на оваа трка се покажа дека нештата си дојдоа на свое место. Оваа патека има брзи свиоци, и тоа му одговара на Ауди. Мислам дека тоа најдобро се виде при мојот престигнувачки маневар, кога го поминав Пепе Ориола во свиок каде што достигнуваме околу 200 км/ч. Автомобилот беше лесен за контрола и беше лесно да ги оствариме целите,- изјави Давидовски.

По четири сезони со „ПСС Рејсинг тим“, македонскиот возач смета дека успеал да го подигне сопственото ниво и подобро да ги разбира трките. Во пресрет на стартот од првото место на неделната трка, тој сите надежи ги вложува во добрата соработка со тимот.

– Соработката со инженерите за време на настапите во ТЦР Европа ми покажа колку е важно добро да се читаат податоците од автомобилот. Целото минато искуство не можеше да ми помогне, се додека не најдов заеднички јазик со инженерите околу штелувањето на возилото и исполнувањето на целите. Новиот тим е лоциран во Белгија, но инженерите ни се претежно од Германија и во тимот се е јасно и прецизно поделено, од тоа кој на кое столче ќе седи, до тоа што треба да се направи на патеката. Имам комплетна доверба во нив, бидејќи трките се тимски спорт, но публиката најчесто ги гледа само возачите како поединци.

Трката се вози на патеката „Пол Рикар“ во Франција, лоцирана во близината на Марсеј. Стартот е во 12 часот и 10 минути, а директен пренос од настанот ќе се емитува на „Телевизија 24“.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести