Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вели дека ќе ги набави со донатори новите 250 еколошки автобуси кои ги вети во изборната кампања. На брифинг со новинарите кажа дека во првата транша ќе се набават 150 автобуси на гас, од кои еден ќе чини околу 300.000 евра. Вели дека Градот е соочен со големо задолжување направено од нејзиниот претходник Петре Шилегов и поради тоа во овој момент не може да земе кредит, па затоа се бараат други начини за набавка на еколошките автобуси.
„Сега разговараме со експерти и со луѓе кои можат да детектираат финансиски средства преку донатори за набавка на првата транша од 150 автобуси, а потоа ќе видиме како ќе оди финансирањето. Ова не е работа – се разбудив сабајле па така посакав – како што тоа го направил претходниот градоначалник. Штом сме ветиле дека ќе набавиме, тоа ќе биде направено“, рече Арсовска.
Арсовска повтори дека автобуското метро или Бас рапид транзитот (БРТ) што беше најавено од Петре Шилеов со раскопување на главните булевари и загрозување на градската инсталација – нема да го реализира, ниту пак ќе распише референдум за да се изјаснат граѓаните.
„Морам да кажам дека она што го видовме тука, од аспект на решението кое што беше презентирано во јавноста како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно, туку е и на штета на граѓаните на градот Скопје. Автобуско метро не постои, тоа е само автобус кој ќе се движи по линија и ќе има големи импликации по зеленилото и водоснабдувањето на градот. Да не зборам за сите пречки кои ќе ги има по основ на регулатива и легислатва, кои треба да се направат за да биде реалност“, додаде Арсовска.