spot_img
6.8 C
Skopje
среда, декември 1, 2021
spot_img

Стефоска најави 10 милиони евра повеќе за културата во 2022 година

„Предлог-буџетот за културата за 2022 година изнесува три милијарди 855 милиони 548 илјади денари или 62 милиона 692 илјади евра. Тоа е скоро 10 милиони евра повеќе од буџетот со кој располагавме оваа година“, информираше министерката за култура, Ирена Стефоска на денешната прес-конференција, на која го презентираше Предлог-буџетот на Министерството за култура за наредната година.

„За поддршка на проектите од Национален интерес во културата за 2022 година, пак, од буџетот се издвоени над 17 милиони евра, што е за над 1 ипол милион евра повеќе за оваа намена од оваа година“, рече министерката за култура.

Во тој контекст, Стефоска  на прес-конференцијата, изрази задоволство што на Годишниот конкурс кој за прв пат се реализираше преку електронска апликација, пристигнати се 3800- пријави кои автоматски добија и архивски број. Таа потсети и дека за електронската апликација беа одржани обуки во повеќе градови, беше изработено видео упатство, отворени телефони за консултација и техничка поддршка, како и маил адреси за прашања од корисниците во секоја дејност, а беше продолжен и рокот за аплицирање на 39 дена. Сепак, по административната проверка на доставената документација, службите констатирале дека голем број од пријавите се пополнети со нецелосно исполнети барања од конкурсот. Од тие причини, а во интерес на корисниците, Министерството одлучи да даде дополнителен рок од уште 15 дена.

„Во интерес на корисниците, Министерството одлучи да даде дополнителен рок од уште 15 дена (согласно член 39 од законот за општата управна постапка). Корисниците што ќе добијат е-маил, ќе можат да ги докомплетираат пријавите.Фактот дека речиси 2/3 од стасаните пријави во старт се нецелосни, што веројатно се должи на небрежноста на апликантите, не наведе на овој чекор. Не смееме да го осиромашиме квалитетот, а конкуренцијата да ја сведеме на минимум. Исто така, при административна проверка на пријавите утврденo е системско преклопување при прикачувањето на дел од пријавите во издавачката дејност. Се работи за мал број на пријави, 93, и од тие причини секој апликант  ќе биде контактиран и известен кој податок ќе треба да го достави во дополнителниот рок. Ова не подразбира нова пријава туку само дополнување на веќе доставените пријави кои имаат архивски број. Од утре, 2-ри до 16-ти декември е рокот за дополнување на пријавите“, рече Стефоска.

За таа цел повторно ќе бидат отворени дежурни телефони преку кои вработените во Министерството за култура ќе бидат во контакт со корисниците. Стефоска смета дека со електронската апликација направен е огромен исчекор во градење на системот, а фактот што се овозможува дополнителен рок за пријавување значи дека резултатите од конкурсот ќе бидат објавени, наместо до 20-ти јануари, најдоцна до половината на февруари, наредната година.

На прес-конференцијата министерката Стефоска информираше дека во фокусот на буџетот на наредната година се и капиталните инвестиции и санации во културата во висина од близу 10 милиони евра, средства наменети за:

  • втората фаза од изградбата на Турскиот театар во Скопје,
  • реализација на следната фаза од изградбата на Театар и библиотека во Тетово,
  • завршни работи на Театарот во Струмица,
  • втора фаза од реконструкцијата на Театарот во Куманово,
  • втора фаза од реконструкцијата на Центарот за култура во Кочани,
  • втора фаза од реконструкцијата на Центарот за култура во Гостивар,
  • реконструкција и санација на покривот на Националната универзитетска библиотека Св. Климент Охридски во Скопје, како и за други проекти кои ќе бидат одобрени во годишната програма од областа на инвестициите за 2022 година наменети за објектите во кои се сместени културните установи. 

Воедно министерката за култура на прес-конференцијата потврди дека заштитата на културното наследство и натаму останува врвен приоритет на Министерството за култура, а во фокусот за наредната година остануваат и зајакнувањето на ЕУ интеграциите во културата и грижата кон младите уметници

„Буџетот на Министерството и на Управата за заштита на културното наследство е близу 194 милиони денари или 3 милиони и 200 илјади евра. За програмата Културно наследство во опасност, која ја  поставивме за прв пат во буџетот за оваа година, останува истата висина на средствата од 12 милиони денари. Приоритет и натаму е како материјалното, така и нематеријалното културно наследство, а за блок дотациите кон општините предвидени се скоро 6 милиони евра“, истакна министерката за култура.

Културата во вкупниот буџет на државата учествува со 1.49 %, што според Стефоска не е доволно, но е одговорно однесување кон народните пари во време на здравствена и на економска криза.


Во продолжение ви го испраќаме обраќањето на министерката во целост:

„Предлог-буџетот за културата за 2022 година изнесува три милијарди 855 милиони 548 илјади денари, или 62 милиони 692 илјади евра. Тоа е речиси 10 милиони евра повеќе од буџетот со кој располагавме оваа година.

За поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 г., од буџетот се издвоени над 17 милиони евра. Тоа е над 1 и пол милион евра повеќе за оваа намена од средствата со кои располагавме за проектите во оваа година.

Годишниов конкурс за првпат го реализираме преку електронска апликација. Одржавме обуки во повеќе градови, направивме видео упатство за правилно користење на апликацијата, видливо и транспарентно беа поставени условите за секоја дејност одделно, отворивме телефони за консултација и за техничка поддршка, како и електронски адреси за прашања од корисниците во секоја дејност. Ме радува што голем број апликанти изразија задоволство од професионалниот и транспарентен однос на Министерството за култура. Го продолживме рокот за аплицирање на 39 дена. Пријавите стигнуваа буквално до последната секунда и пол пред затворањето на системот. Апликацијата успешно ја заврши својата работа. Им благодарам на тимовите од Министерството кои беа посветени на овој дел од процесот.

Во системот пристигнаа 3800 пријави кои автоматски добија архивски број. По административната проверка на доставената документација, службите констатираа дека голем број од пријавите се пополнети со нецелосно исполнети барања од Конкурсот.

Од тие причини, а во интерес на корисниците, Министерството одлучи да даде дополнителен рок од уште 15 дена (во согласност со член 39 од Законот за општата управна постапка). Корисниците што ќе добијат е-пошта, ќе можат да ги докомплетираат пријавите.

Ова не подразбира нова пријава туку само дополнување на веќе доставените пријави што имаат архивски број.

Од утре, 2 декември, до 16 декември е рокот за дополнување на пријавите. Фактот дека речиси 2/3 од стасаните пријави во старт се нецелосни, што веројатно се должи на небрежноста на апликантите, нѐ наведе на овој чекор. Не смееме да го осиромашиме квалитетот, а конкуренцијата да ја сведеме на минимум.

Исто така, при административна проверка на пријавите е утврденo системско преклопување при прикачувањето на дел од пријавите во издавачката дејност. Се работи за мал број пријави, 93, и од тие причини секој апликант ќе биде контактиран и известен кој податок ќе треба да го достави во дополнителниот рок.

Како и во првата фаза од процесот, и сега ќе бидат отворени дежурни телефони преку кои вработените во Министерството за култура ќе бидат во контакт со корисниците.

Како министерка за култура, сметам дека со електронската апликација направивме огромен исчекор во градење на системот.

Фактот што овозможуваме дополнителен рок за пријавување значи дека резултатите од Конкурсот ќе бидат објавени, наместо до 20 јануари, најдоцна до половината на февруари, следната година.

Во фокусот на Буџетот за 2022 г. се капиталните инвестиции и санации во културата во висина од близу 10 милиони евра. Овие средства се наменети за:

  • втората фаза од изградбата на Турскиот театар во Скопје,
  • реализација на следната фаза од изградбата на Театар и библиотека во Тетово,
  • завршни работи на Театарот во Струмица,
  • втората фаза од реконструкцијата на Театарот во Куманово,
  • втората фаза од реконструкцијата на Центарот за култура во Кочани,
  • втората фаза од реконструкцијата на Центарот за култура во Гостивар,
  • реконструкција и санација на покривот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, како и за други проекти што ќе бидат одобрени во Годишната програма од областа на инвестициите за 2022 година наменети за објектите во кои се сместени културните установи.

Заштитата на културното наследство останува наш врвен приоритет. За таа цел, оваа година Буџетот на Министерството и на Управата за заштита на културното наследство е близу 194 милиони денари, или 3 милиони и 200 илјади евра.

За програмата „Културно наследство во опасност”, што ја поставивме за прв пат во буџетот за оваа година, останува истата висина на средствата – 12 милиони денари. Приоритет и натаму е како материјалното така и нематеријалното културно наследство.

За блок-дотациите кон општините се предвидени речиси 6 милиони евра. Зајакнувањето на ЕУ-интеграциите во културата и грижата кон младите уметници остануваат во нашиот фокус и следната година.

Културата во вкупниот буџет на државата учествува со 1,49 %. Тоа не е доволно, но е одговорно однесување кон народните пари во време на здравствена и на економска криза. Впрочем, овој процент не е нашата крајна цел. Целта е 3 до 4 %“.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести