spot_img
11.8 C
Skopje
среда, октомври 20, 2021
spot_img

Пендаровски се обрати на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје – од Милано до Глазгов и понатаму.., иницијатива која е поддржана од УНИЦЕФ, а финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА). Самитот е организиран во партнерство со Амбасадата на Италија, како еден од домаќините на Младинскиот самит за климатски промени на ОН, во Милано и Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како домаќин на Конференцијата за климатски промени на ОН, во Глазгов.

Чест ми е да го отворам овој Младински самит за климатски промени што го организираме во тесна соработка со УНИЦЕФ, а како дел од нашата заедничка инцијатива „Преобмисли ја иднината“.

Годинава прославуваме три децении од македонската независност, години на успеси, но, и на бројни предизвици кои стоеја и сеуште стојат пред нашата заедничка држава. Несомнено е дека наредните 30 години, не само за нас во Република Северна Македонија, туку и за целиот свет, ќе бидат дефинирани од најголемиот глобален предизвик, а тоа се климатските промени.

Последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени – IPCC недвосмислено укажува дека ние веќе ја живееме последната деценија во која ќе можеме да влијаеме за да го ограничиме глобалното затоплување. Меѓутоа, за тоа да го направиме ќе биде неопходно брзо и од корен да го промениме енергетскиот и производствениот систем во светот. Ќе мора да стекнеме нови, одржливи животни навики и да покажеме многу поголема грижа за животната средина. Во спротивно, ако не успееме на глобално ниво драстично да ги намалиме емисиите на стакленички гасови во текот на оваа пресудна деценија, и ако не успееме да постигнеме нето нула емисии до 2050 година, тогаш неминовно ќе дојдеме до точката од која ќе нема враќање.

Годинешниве шумски пожари и поплави и кај нас и во Европа ни претскажуваат каква иднина не очекува. Поради климатските промени екстремните временски услови ќе бидат се почести и се поинтензивни, со повеќе човечки жртви и поголеми штети за националните економии и екосистеми. Во некои региони ќе зачестат топлотните бранови, суши и пожари, а во други, бурите и поплавите. Особено ранлив на климатските промени е и ќе биде Медитеранскиот регион на кој и ние припаѓаме.

Тоа се констатациите и предвидувањата на науката. Но, што можеме ние да направиме во врска со тоа? Реално, самите можеме многу малку, но, заедно со другите држави во Европа и светот, можеме да направиме многу. Северна Македонија е една од првите држави која усвои Национална стратегија за енергетски развој до 2040 година. И покрај пандемијата на Ковид-19, годинава усвоивме ревидиран национален утврден придонес за намалување на стакленичките гасови. Утврдивме дури 63 планови за климатска акција што се директно поврзани со 15 цели за одржлив развој.

Ме радува што неодамна Владата ја усвои Долгорочната стратегија за климатска акција со Акциски план. Целта на оваа стратегија е да постигнеме зелен, ниско јаглероден и климатски одржлив развој. Стратегијата не обврзува да ги намалиме националните нето емисии на стакленички гасови за 72% до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година.

Почитувани учесници на младинскиот самит,

Последиците од одлуките што ги носи нашата генерација ќе ги чувствуваат сите наредни генерации. За десеттина дена треба да учествувам на Светскиот лидерски самит за климатски промени во Глазгов. Таму освен што ќе ги пренесам ставовите и политиките на нашата држава, заедно со другите светски лидери ќе се застапувам за иднината на вашата и на сите наредни генерации.

Вие сте најинформираната и најдигитализирана генерација во историјата на човештвото. За да излеземе на крај со овој глобален предизвик нам ни се неопходни вашиот ентузијазам, вашите иновативни и креативни идеи и решенија. Затоа сме денеска тука, да ги чуеме вашите размислувања за тоа како конкретно, на дело да ги оствариме споменатите стратегии, и да овозможиме побезбедна иднина и за вас и за идните поколенија.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe
spot_img

Најнови Вести