spot_img
20.1 C
Skopje
среда, јуни 2, 2021
spot_img

Прес-конференција на портпаролите на Владата, Арсовски и Хоџа: Донесен е Протоколот за организирање на свадби и веселби со строго утврдени процедури за заштита на здравјето на граѓаните

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 75-та седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на медиумите и новинарите.

Портпаролите информираа дека Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за олеснување на рестриктивните мерки кои беа донесени за спречување на пандемијата со КОВИД-19, меѓу кои се:

  • Се укинува обврската за носењето заштитна маска на отворено и се препорачува да се носи кога лицата се во поголема група. Останува задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори;
  • Се дозволува присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30% од вкупниот капацитет на посетители;
  • Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од 4 лица на 6 лица со обезбедување дистанца помеѓу лицата на масата;
  • Се укинува забраната за групирање на јавен простор;
  • Продолжува да важи забраната за движење од 24:00 до 04:00 и оваа мерка ќе трае до 15.06.2021 година.
  • Портпаролите соопштија дека на вчерашната седница Владата го донесе Протоколот за организирање свадби/прослави и веселби со цел да ја уреди Одлуката со која се дозволува организирање на свадби, прослави и веселби  на отворен простор, односно летни тераси до максимум 100 лица и не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот.

На новинарско прашање за Протоколот за организирање на свадби/прослави и веселби, портпаролот Хоџа посочи дека се утврдени стандардни процедури со кои тие ќе се одвиваат и информираше за дел од нив.

„Стандардната процедура која веќе е воспоставена е на влез да се користи задолжително средство за дезинфекција и да се мери температура. Просторот на летните тераси да е отворен од трите страни, забрането е поздравување со ракување, гушкање или друг вид на физички контакт со гостите. Музика, односно ангажирање на естрадни уметници е дозволено само при организирање на свадби, односно музичарите треба да бидат оддалечени најмалку 5 метри од најблиската маса и не смеат да се движат и пеат помеѓу гостите. Дозволено е играње на подиумот со безбеден простор од 4 метри квадратни по лице и со почитување на препорачаната дистанца“, посочи Хоџа.

Тој наведе дека во случај на движење во затворениот дел на гостите задолжително е носење маска.

„Дополнително, во однос на одговорноста, на организаторот на прославата и менаџерите на угостителските објекти сакаме да истакнеме дека организаторот има обврска според протоколот да достави листа на гости до одговорниот менаџер на објектот, кој има обврска да го евидентира секој гостин на прославата. Исто така, организаторот има обврска да ги запознае сите гости со препораките од овој Протокол. Менаџерот на угостителскиот објект е должен да ја регистрира и пријави прославата во Угостителската комора“, посочи портпаролот Хоџа.

На прес-конференцијата беше упатен апел до граѓаните да ги почитуваат сите препораки, сите препорачани мерки се со цел заштита на јавното здравје.

Портпаролите посочија дека Владата го усвои Записникот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и го утврди Предлогот на одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија заради заштита на јавното здравје. Оваа одлука  се предлага до Собранието на Република Северна Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба до 31 декември 2021 година.

Меѓу останатото на последната седница Владата го утврди текстот на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за управување со кризи кој  предвидува усогласување со реализацијата на Проектот и започнатата имплементација на Европскиот број за итни повици во Република Северна Македонија, E-112.

Имплементацијата на овој проект има за цел ефикасен и целосен одговор при повик-јавување во случај на ризици, опасности или други несреќи на целата територија  за итно давање и пружање на помош на повикувачот или реакција во врска со пријавена опасност, од страна на Центарот за управување со кризи.

Портпаролите соопштија дека Владата ги разгледа извештаите поднесени од страна на надлежните институции, поврзани со информациите за случајот со увоз на нафтени деривати. Содржат информации во врска со почитувањето на одредбите од Правилникот за квалитетот на течните горива, податоци за увоз на нафтени деривати во периодот 2018-2020 година,  извршените надзори од страна на инспекторатите во компаниите увозници и корисници.

Се работи за обемна документација и по направениот пресек на досегашните добиени информации, Владата одлучи дека е неопходно за одредени наоди, дел од надлежните институции да достават дополнителни информации во рок од седум дена.

На следната владина седница ќе се донесат соодветни заклучоци за натамошно постапување.

Одговарајќи на новинарско прашање за случајот со увоз на нафтени деривати портпаролот Арсовски истакна дека надлежните институции добија дополнителни задолженија со кои се проширува опфатот на фирми и ќе се испитуваат буквално сите вклучени во овој бизнис во сите фази од увоз до складирањето и користењето.

Тој посочи дека идната седница треба да се разгледа сублиматот од мноштвото документи и извештаи со дополнувањата што треба да се направат деновиве, по што ќе следат понатамошни постапки.

Владата го утврди и текстот на Предлог-законот за медијација кој има за цел приближување на земјата кон Европската Унија, која во ситуација на разрешување на конфликтни и спорни ситуации, акцентот го става на алтернативното решавање на споровите и медијацијата како еден од нив.

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на сексуалните работници за декриминализација на нивната работа портпаролот Арсовски истакна во тек е процес на разговори за измените на Кривичниот законик во кој, меѓу другите чинители, се вклучени и претставници на невладиниот сектор.

„Барањата се разгледуваат. Во измените на Кривичниот законик кои се очекува многу скоро да бидат на седница на Влада, се воведуваат нови кривични дела – Полов напад и полово вознемирување. Тоа ги опфаќа сите лица/жени меѓу кои секако и сексуалните работнички“, истакна Арсовски.

Читај Следно

10,361FansLike
2,319SubscribersSubscribe
spot_img

Најнови Вести