2.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Заев и Спасовски: Досега реконструирани 55 објекти на МВР, современата инфраструктура – суштински предуслов за ефикасно работење

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во придружба на висока делегација од министерството и градоналачникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, денеска го посетија реконструираниот објект на ОВР Ресен.

„Денеска присуствуваме на увид во реновираниот објект на Одделението за внатрешни работи Ресен. Станува збор за уште една реализирана обврска во континуитетот на приоритети за севкупно подобрување на професионалните услови за работа на полициските службеници за кое се заложивме, преку продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици. Од денеска и ова реновирано Одделение станува дел од остварувањата посветени на изградба на функционална инфраструктура во системот на нашата полиција и Министерството за внатрешни работи. Ваквите современи услови за работа ќе придонесат кон поголема ефикасност во работењето на полициските службеници во насока на гаранцијата за редот, безбедноста и владеењето на законите. Со ова заеднички ќе овозможиме понатамошно етаблирање на полицијата  како гарант на законитоста и како квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани “, изјави премиерот Заев по разгледување на објектот.

Премиерот Заев потсети дека досега се завршени Аеродромската база Петровец, полициските станици и одделенија во повеќе регионални центри и општини, при крај е изградбата на новите современи форензички лаборатории, како и многу други зафати за современи услови за работа на полицијата и другите припадници на МВР, завршени се  работите од реконструкцијата на СВР Куманово, на Полициското одделение Ростуше, а во претстојниот период во план се градежните активности и на Одделението за внатрешни работи Прилеп, Полициската станица во Крушево и Полициското одделение во Чашка.

„Во тој контекст своја улога имаат и обезбедените средства за исплата на бонус плата на вработените во МВР кои оствaрија над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2020, како и средства за бонус плата за 2017 и 2018 година“, потенцираше на крајот премиерот Заев.

„Современата  инфраструктура на секоја институција, во делот на материјална и техничка опременост и стандардизираност, без никаква дилема е еден од суштинските предуслови за ефикасно и квалитетно извршување на работните задачи од страна на нејзините вработени. Оттаму, сосема разбирливо беше интензивно да тргнеме во процесот на надминување на претходно затекнатите состојби на овој план и да се обидеме да воспоставиме модерни инфраструктурни стандарди на функционирање како на полициските службеници, така и на нивните средства за работа, објектите и нивната  опременост“, потенцираше министерот Спасовски во своето обраќање.

„Особено се радувам што денеска, овде во Ресен, имаме одлична можност да се увериме во уште една од низата наши реализирани активности – согласно планот за реконструкција на објектите и подобрување на условите за работа на вработените во Министерството за внатрешни работи – комплетната реконструкција на 55 –иот објект во којшто е сместено Одделението за внатрешни работи Ресен“, истакна министерот Спасовски.

Спасовски образложи дека со реконструкцијата започната во јануари оваа година и завршена во април полицијата доби објект кој е целосно реконструиран и надворешно и внатрешно, притоа запазувајќи ги стандардите за енергетската ефикасност и намалување на загадувањето на животната средина и исполнувајќи ги потребите за поефикасно работење и фукционирање на полициската служба во модернизирани услови.

Притоа, вредноста на градежните и занаетчиските работи при процесот на реконструкција на објектот на ОВР Ресен изнесува околу 12.700.000 денари, средства издвоени од буџетот на МВР.

На крај министерот Спасовски уште еднаш потенцираше дека ваквото квалитативно подобрување на материјално-техничките услови за работа на вработените во МВР и натаму останува императив којшто мора континуирано да ги следи крупните реформски  исчекори на институцијата, заокружувајќи еден концепт на унапредување и модернизирање на полициската служба во целост.

Градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски потенцираше дека полициската станица е капитален проект, кој е во функција на граѓаните и напомена дека во изминатиов период од страна на општината се реализирани повеќе капитални проекти, како реконструкција и адаптација на градинката , реконструкција на спортската сала, улиците од централното градско подрачје, Градскиот пазар, завршен е техничкиот прием на модуларната болница и се започнува со изградба на нова спортска сала во рамките на основното општинско училиште „Гоце Делчев“.

„Со несмален интензитет продолжуваме во реализација на инфраструктурните проекти и во наредниот период, но дополнително се подготвуваме и за претстојната туристичка сезона, за која што се надеваме дека ќе биде успешна, а нашата Преспа ќе блесне во полн сјај“, потенцираше градоначалникот Гошаревски.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести