24 C
Skopje
вторник, мај 4, 2021
spot_img

Средба на Никола Димитров со австриската министерка за Европа Каролине Едштадлер, во рамки на нејзината возвратна посета на Скопје

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, денес беше домаќин на сојузната министерка за Европа и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер, во рамките на нејзината возвратна посета на Скопје.

Димитров се заблагодари за активниот посреднички пристап на Австрија во обезбедувањето вакцини за регионот преку механизмите на ЕУ, што резултираше со склучување на трипартитниот договор помеѓу Северна Македонија, Австрија и Фајзер/БиоНТек за набавка на повеќе од 119.000 дози вакцини, како цврст доказ за нејзината посветеност на нашиот регион. 

„Сакам да се заблагодарам прво на посетата, мислам дека тоа само ја одразува симболиката на нашето пријателство. Сакам да се заблагодарам на напорот на Виена да биде дел, заедно со Европската комисија, да обезбеди 651 000 вакцини од компанијата Фајзер за нашиот регион, тоа се вакцини што земјите од регионот ги покриваат со репрограмираните ИПА средства, меѓутоа во име на ЕУ голем дел од тешката работа, преговорите со Фајзер, ја заврши токму Австрија. Исто така, би сакал да се заблагодарам на недвосмислената, континуирана и принципиелна поддршка на Австрија за европската иднина на Балканот, и во тие рамки се разбира и на Северна Македонија.”
 

Во пресрет на состанокот на Советот за општи работи (ГАК), соговорниците се согласија дека е потребно придвижување на евроинтегративниот процес на целиот Западен Балкан заради обезбедување предвидливост на европската перспектива. 

Во тој контекст, Димитров истакна дека случајот на Северна Македонија е без преседан и е тест за кредибилитетот и влијанието на ЕУ, но и за нејзините постулати како заедница на вредности, поради што неодложно треба да се спроведе минатогодишната безусловна одлука за почеток на пристапни преговори.

Димитров: „Споделуваме многу заеднички интереси со Виена, имаме исклучително блиски политички односи, имаме заеднички економски интереси, австриските компании се важни и за македонската економија во смисла на инвестициите, имаме важна трговска размена истовремено, споделуваме и безбедносни интереси, што се виде меѓудругото и со искуството во мигрантската криза во 2015 и 2016 година.”

Димитров: „Со Каролине разговаравме за последните случувања, за тоа зошто е толку важно конечно да има пробив на нашиот европски пат, важно за нас, важно за регионот, но исто така важно и за Европската Унија, нејзиниот кредибилитет и влијание во овој регион опкружен со земји-членки. Разговаравме и за реформската агенда, за нашите напори во имплементација на „Агендата: Европа дома“, притоа само да ја информирам јавноста дека Австрија ќе има зголемена улога во еден исклучително важен сегмент од таа агенда, а тоа е владеењето на правото, бидејќи токму една австриска институција доби еден повеќегодишен грант да ни биде поддршка и помош токму во овој дел, владеењето на правото.”

Од австриска страна, министерката Едштадлер го потврди ставот дека Северна Македонија ги исполни сите критериуми за почеток на пристапните преговори со ЕУ. „Западниот Балкан има посебно значење за Австрија, има историски корени, има многу важни економски можности за соработка што ние ги гледаме овде, има претпријатија коишто се во регионот стационирани. Западниот Балкан е исто така еден сигурносен јазол, без државите од Западен Балкан, Европа – Европската Унија нема да биде комплетна и тоа не треба да се искаже само со зборови туку и со дела” – рече Едштадлер.

Читај Следно

10,347FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести