21 C
Skopje
вторник, април 27, 2021
spot_img

Министерот Спасовски оствари средба со Сојузниот министер за внатрешни работи на Република Австрија, Карл Нехамер

„На самиот почеток би сакал да ја потенцирам досегашната соработка меѓу министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Сојузното министерство на Република Австрија, која слободно можам да ја оценам како плодна и продуктивна, особено по стапувањето на сила на Договорот за полициска соработка меѓу двете Влади. Ја користам оваа прилика и да се заблагодарам за учеството на австриските полициски службеници во заедничките операции на нашата јужна граница, што значително придонесува во зајакнување на капацитетите на нашата гранична полиција и, секако, во борбата против илегалната миграција и криумчарењето мигранти“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната билатерална средба со неговиот колега, Сојузниот министер за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер кој денеска беше во еднодневна работна посета на нашата земја.

На средбата на двата министри, во фокусот на разговорите, покрај другото беше и Заедничката платформа за координација за борбата против трговијата со луѓе и  спречување илегална миграција вдолж Источно-медитеранската  рута, чијшто иницијатор и спроведувач е Република Австрија. Како што потенцираше министерот Спасовски, особено се значајни заложбите на Сојузното министерство за внатрешни работи на Република Австрија за спроведување на иницијативата за  „Заедничка координативна платформа“, со која се промовира и ефектуира  подобра  координација на мерките против илегалната миграција вдолж Источно-медитеранската рута.

„Со ова дополнително ќе се зајакне оперативната соработка во борбата против илегалната миграција, ќе се утврдат координирани активности во областите на гранична заштита, враќање на мигрантите, гранично управување и процедурите за азил. Се согласувам дека преку создавање заедничка целина за тековната состојба со миграцијата ќе се направи чекор нанапред кон постигнување на сеопфатна практична соработка и поддршка помеѓу земјите за поефикасна борба против илегалната миграција“, рече Спасовски.

Во разговорите министерот Спасовски, презентирајќи ги конкретните позитивни показатели во справувањето со илегалната миграција, посочи дека за успешна борба против илегалната миграција, криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе и за интензивна соработка во целокупното гранично работење, од посебна важност е ефективната размена на информации.

Сојузниот Министер за внатрешни работи на Република Австрија се заблагодари на напорите и активностите на полицијата на Република Северна Македонија во справувањето со илегалната миграција и ја истакна континуираната поддршка на Република Австрија на оваа цел, односно натамошно учество на австриски полициски службеници доколку за тоа има потреба. Тој, исто така, ја наведе и посветеноста на Република Австрија во справувањето со илегалните текови на миграцијата преку новата иницијатива за воспоставување на Заедничка координативна платформа.
Министерот Спасовски на средбата се осврна и на значењето на Заедничките контакт центри, како суштински оперативен механизам вклучително и во насока на поквалитетната регионална соработка на ова поле. Во делот, пак, на билатералната соработка беше  заеднички  констатирано дека  таа  досега се одвива на високо ниво, не само низ призмата на Договорот за заедничка полициска соработка, туку и во рамки на меѓународните иницијативи, како што е Салцбуршкиот форум, каде што се нуди реална можност за зајакнување на регионалната соработка во областа на внатрешната безбедност и за размена на сознанија, информации и ставови, а соработката со трети земји е веќе дел од областите дефинирани како фокус на работа и активности на форумот.

Инаку, во рамки на посетата, Сојузниот министер за внатрешни работи на Република Австрија, Нехамер, заедно со заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши ја посетија нашата јужна граница, Граничниот премин „Богородица“, како и полициските службеници на австрискиот полициски контингент во земјава, кои учествуваат во  заедничките операции со нашите полициски службеници, вдолж граничната линија со Република Грција, со што значително придонесуваат во зајакнување на капацитетите на нашата гранична полиција за заедничка борба против нелегалната миграција и криумчарењето мигранти.

Читај Следно

10,347FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести