12 C
Skopje
недела, април 25, 2021
spot_img

Ребека емотивно раскажа за најболната ноќ во нејзиниот живот: Свекрвата ми рече дека го изгубивме, дека е мртов…

Пејачката Ребека Јанковска-Ристески, на својот Фејсбук профил објави емотивен статус со кој ги потресе своите следбеници. Впрочем, таа откри што и се случило пред десет години кога ја имала најтешката ноќ во животот.

Станува збор за ноќта кога безмалку го загубила својот син, Маркијан. Нејзиниот син имал епилептичен напад, но после ‘онаа вечер’, тој за среќа не доживеал уште една таква страшна епизода.

Ребека му е вечно благодарна на Бога што ѝ го спасил чедото, а воедно и на Св. Лазар што го разбудил Маркијан од епи нападот.

Во продолжение ви го пренесувам во целостеЕмотивниот статус на пејачката.

„Денот започна како и сите претходни денови. Дали ќе помине денот без ниту еден епи напад?! Некој вирус се беше вгнездил во малиот Маркијан. Се слушнав со Мики кој беше на работа и се договоривме да се земе крв за анализа за да знаеме дали да почнеме со антибиотик.

Доаѓаат дома, а јас ја оставам потоа свекрва ми за да извадам пари од банкомат за да не останам должна и носам во ординацијата. Се враќам веднаш и ја наоѓам свекрва ми со така речи безживотното тело на мојот ангел во нејзините раце. До неа уште еден ангел, Ангелина, нашата комшивка која веднаш, без размислување со клучевите од автомобилот брза накај паркингот.

Небото и земјата ми се превртеа. Влегуваме во кола и возам со сите 4 трепкачи, отворени прозори и рака на свирката. За неполни 8 минути прелетувам од Н.Лисиче до Клинички Центар на Водњанска. Во колата на секој 30 сек. се вртам да ја смирувам свекрва ми која ми кажува постојано дека го изгубивме, дека е мртов и дека прстите му се модри. Епилептичниот напад се вика генерализиран епи напад. Влегувам на клиника, а Мики веќе не чека на влезот и возиме до педијатрија. Го ставаат на кревет и го реанимираат. Но, апаратот за кислород не работи. Уште еден шок. Во тој момент едноставно се соземам и се согласувам дека се понатаму е во Негови раце, во рацете на Господ. Почнувам на глас да ја кажувам молитвата: Оче Наш кој си на небеси… Но, знам дека моќта на молитвата е огромна ако е од срце кажана и во спокој. Петок е, врне истура. Мора да го носиме на ургентен. Тука се и мајка ми и сестра ми. Ја буткаме количката за транспорт, а врз неа мојот ангел кој не диши. Стигнуваме. Сестра ми ја крши влезната врата која не се отвара од ургентниот центар. Го интубираат. Ми велат да излезам. Чекам, чекам… Се отвара вратата… Маркијан е во длабок сон, под анестезија…

Мозокот бил без кислород подолго време. Прават пункција. Доаѓа Др.Лидија Забазновска, од самиот почеток Др.Данче Угриновска, а и Др.Маја Киријас е тука. Во нивните раце е… Ќе биде добар. Одам дома и земам свети масла. Мојот сопруг е атеист, но прифаќа по мојата молба, да го мачка по целото тело, цела ноќ, се додека не се разбуди. Ако не се разбуди!? Господи нека биде Волјата Твоја! Стоиме во ходникот со мајка ми, сестра ми, свекрва ми, братучетка ми Кики, Сашка и Драган, нашите кумашини, мојата пријателка Оле, мојата Соња Тарчуловска и можеби уште некој, но јас не се сеќавам. Нека ми простат. Околу 01 часот по полноќ одам дома. Мики останува.

Ми се јавува во 04 часот и ми кажува дека Маркијан реагира на секој допир со прстот и светото масло. Срцето му чука побрзо само што ќе го допре Мики со светото масло. Слава на Бога! Сум заспала на троседот во салонот. Во 09ч. ми звони Мики. Сабота.

Се разбудил нашиот Маркијан и прво што направил ја гушнал медицинската сестра. Од тој ден Маркијан се разбуди. Од тој ден започна неговиот развој. Наскоро почна и да зборува. Веќе 10 години, а од тој ден нема епилептични напади. Името да не им го чуе ниту каже човек. Се јавувам кај мојот отец, а тој ми вели: За многу години празникот! Лазарова сабота е. Му благодарам на Господ, му благодарам на Св.Лазар. ЗА МНОГУ ГОДИНИ ПРАЗНИКОТ!!!! Вечно да го славиме!“.

Читај Следно

10,348FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести