14 C
Skopje
вторник, април 20, 2021
spot_img

Царовска: Преку комбиниран модел на учебници, до етапнa дигитализација и модернизација на образованието

Ако до вчера на тема учебници дискутиравме за криминал, корупција и штетни договори, јас сум среќна што денеска дискутираме за исклучиво за квалитетот на учебниците. Новиот Закон за учебници ќе обезбеди квалитетни материјали за учење, а воедно нуди и комбиниран модел на примена на печатени и електронски учебници, согласно потребите и можностите на учениците и семејствата. Секој ќе може да одбере на кој начин да учи. Ова го истакна министерката за образование и наука за време на денешната посета на ОУ „25 Мај“ во Гази Баба каде беше отворена сензорна соба наменета за ученици со посебни образовни потреби. 

„Медиумите детално објавуваа текстови и слики на неквалитетни учебници кои ги уништуваа нашите деца, а низ кои поминаа генерации и генерации кои денес сигурно чувствуваат недостаток заради лошиот квалитет на учебниците. Сега, со овој закон за учебници за прв пат поставуваме филтри што треба да обезбедат квалитет преку комисии составени од наставници по соодветниот предмет, универзитетски професори и претставници на граѓанскиот сектор кои имаат искуство повеќе од 10 години за превенција од дискриминација и почитување на човекови права“, рече Царовска додавајќи дека ова се прави со цел оние учебници во кои има дискриминација врз основа на етничка припадност, дискриминација врз жените, уништување на граѓанскиот концепт во државата или претставување на власта како доминантна и моќна, а граѓаните како ситни, да станат минато. 

„Формата е една работа, а што има внатре во еден учебник е друга работа и тоа наставниците најдобро го знаат. Затоа дебатата ја водиме со нив како најстручни. Секако дека ќе има дилеми што е подобро, а што е полошо, но важно е да направиме исчекор кон процесот на дигитализација и модернизација на образованието„ рече Царовска.

Министерката појасни дека законот нуди комбиниран модел на примена на електронски и печатени учебницисогласно позитивните практики во земји како Хрватска, Словенија и Естонија и дека истиот ќе се воведува сукцесивно. Учениците од прво до трето одделение и натаму ќе добиваат учебници во хартиена форма, додека во новата учебна година само учениците од четврто одделение покрај можноста за хартиени, ќе добијат и дигитална верзија на учебниците. Дополнително, како што посочи министерката сите учебници ќе бидат понудени и во аудио формат, додека за учениците со оштетен вид ќе бидат печатени на Брајово писмо. 

„Дигиталниот учебник не е учебникот што до вчера го имавме со милијарда факти внатре, па само е ставен во електронска форма. Напротив. Концептот на учење е таму да има примери, насочување кон истражувања, а да ученикот може да ги потврди фактите коишто треба нужно да ги знае. Секој од родителите којшто смета дека нема да може неговото дете да учи електронски, ќе може да си го испечати учебникот и нема да има никаков проблем“, рече Царовска додавајќи дека е значајно што со новото законско решение, различните потреби на учениците ќе бидат пресретнати со различен тип на учебници.

На прашањето дали употребата на дигиталните учебници ќе влијае негативно на здравјето на учениците, Царовска рече дека сите треба да се запрашаме колку време нашите деца поминуваат непродуктивно во следење на социјални мрежи, на свои смарт телефони, без да имаат инсталирано било какви едукативни елементи и алатки и истите да ги применуваат.

„Со промените, нивното внимание го насочуваме кон тоа дека дигиталните уреди можат да се користат и за нешто продуктивно, дека преку нив може да добиеме квалитетни информации, да истражуваме и анализираме“, рече министерката, додавајќи дека новите генерации живеат во дигитален свет, а дигиталните алатки треба да влијаат стимулативно врз нив и да им помогнат да се стекнат со потребните вештини за справување со предизвиците кои ќе се појавуваат по 20 годни од сега.

Министерката информираше и дека подготовките за примена на новите наставни програми за прво одделение се започнати пред извесно време во соработка со локалните самоуправи и училиштата.

„Веднаш откако се донесе наставната програма за прво одделение, сите училишта беа известени што е потребно за започнување на наставата наредна година и до 15ти јуни треба да ги имаат обезбедено ресурсите потребни за секоја училница. Учебниците се печатени и треба да им бидат доставени. За 4то одделение штом ќе биде подготвена програмата, училиштата повторно ќе бидат известени што е потребно да имаат за реализација, но и да дадат информација каде е потребно да имаме засилување за обезбедување дигитални уреди, за што огромна поддршка и досега е добиена од реалниот сектор“, рече министерката.

Особено изрази благодарност за поддршката која државата ја добива од Светска банка која го помага процесот на дигитализација и со која веќе е изготвена цела програма за поддршка на училиштата од аспект на нивно опремување со кабинети по природни науки и опремување на дигитални библиотеки со таблет компјутери кои училиштата ќе им ги издаваат на времено користење на учениците кои не поседуваат. 

Царовска нагласи дека само преку инвестиција во образование сериозно може да се промени економската слика во државата и дека актуелната влада е посветена токму на тоа.

Читај Следно

10,347FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести