11 C
Skopje
четврток, април 15, 2021
spot_img

Царовска: Забрзано ги дигитализираме услугите во образованието, граѓаните треба максимално да ги користат овие придобивки

Министерството за образование и наука успешно ги дигитализира услугите за нострификација на диплома за високо образование, за аплицирање за стипендија, а дигитализирано е и аплицирањето за финансирање на проекти за реновирање на училишни објекти.

Граѓаните, учениците и студентите, локалните самоуправи веќе нема потреба да доаѓаат во министерството туку тоа можат да го направат електронски. Со тоа во период на корона се влијаеше и на зачувување на јавното здравје. МОН продолжува забрзано да работи на дигитализација и на други услуги во образованите и тоа е наш врвен приоритет, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн конференцијата за дигитализација на услугите во областа на образованието, на која учествуваа и министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, британскиот заменик амбасадор Доминик Отвеј, Каидо Пабуск виш советник за политики во СИГМА, Боро Јакимовски, професор на ФИНКИ, како и Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка и Мартин Тодевски програмски координатор од Центарот за управување на промени.

„Имаме изјава од граѓанин којшто за еден ден ја завршил нострификацијата на својата диплома од странство, за што порано би му требале веројатно шест месеци. Ова укажува дека со дигитализација не само што се поквалитетни услугите туку се и екстремно брзи. Во нашата администрација проблем е човечкиот фактор, а со дигитализацијата се надминува и нема застој во остварувањето на права“, посочи Царовска.

Министерката рече дека граѓаните уште не веруваат во дигиталните услуги, сепак голем дел од студентите сакаат да дојдат во министерството и да ги достават документите за стипендии, да се сигурни дека имаат архивско бројче. 

„Треба да работиме на јавната свест дека дигиталните услуги се достапни и граѓаните преку нив побрзо и поефикасно можат да ги остварат своите права“, рече Царовска.

Денеска беше најавено и воведување на нова дигитална услуга за запишувањето на децата во прво одделение да може да се направи и електронски. Преку порталот uslugi.gov.mk родителите/старателите можат да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните документи за вакцинации и прегледи. Новата дигитална услуга ја најави министерката за образование и наука Мила Царовска.

„Од мај месец стартуваат уписите во основно образование. Новиот Концепт за реформата во основното образование е донесен, новите програми за прво одделение се донесени, објавени се конкурси за пишување на нови материјали за учење коишто треба да бидат на ниво на квалитет што го имаат развиените земји и на ова комплементарно е и услугата онлајн запишување на учениците од прво одделение. Сигурна сум дека родителите ќе ја искористат и дека ќе имаме помалку гужва во училиштата и ќе имаме современ пристап во запишувањето во основното училиште. Понатаму ќе работиме и на средното образование“, најави министерката Царовска.
  
Во следниот период ќе се дигитализираат услугите поврзани со наука и во делот на основно и средно образование, услугите од е-дневник родителите да ги добиваат на веб-апликација, како сумирани извештаи еднаш неделно.
 
За МОН дигитализацијата е еден од приоритетите, затоа што, како што посочи Царовска,  сите земји коишто не се дигитализираат, заостануваат, затоа што светот се менува екстремно брзо, а ние како држава во развој треба да фатиме двапати побрз чекор.

„И образовниот процес покажа дека брзо може да се трансформира. Ако до лани сметавме дека школите не се поврзани со интернет, дека нема доволно компјутери, дека огромен е бројот на ученици коишто немаат пристап до дигитални алатки, видовме дека не е така. За еден месец интензивна работа, заедно со ФИНКИ, многу брзо успеавме да обезбедиме двонасочна комуникација, меѓу учениците и наставниците и цела оваа учебна година имаме одлична интеракција наставник-ученик, што за нас како држава е голем отскок од тоа што беше до минатата година“, нагласи министерката Царовска.

МОН и Центарот за управување со промени, со финансиска поддршка на Британската амбасада го реализираат процесот за дигитализација на услуги. Интеграцијата на услугите на порталот uslugi.gov.mk се реализира во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација.

Читај Следно

10,348FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести