14 C
Skopje
среда, април 14, 2021
spot_img

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија

Претседателот Стево Пендаровски по повод 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Северна Македонија.

Почитувани сограѓани Роми,

Дозволете ми да ви го честитам 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите и да ви посакам добро здравје, среќа и елан за заеднички да ја унапредиме состојбата на ромската заедница во Република Северна Македонија. Во оваа прилика би сакал да ја искажам мојата почит кон вашиот придонес во збогатувањето на македонското  мултиетничко и мултикултурно општество.

Ви ја честитам 50 годишнината од Првиот ромски конгрес во 1971 година во Лондон,  кога активисти од Европа ги потврдиле ромското знаме, химна, јазик, култура и ромскиот идентитет на повеќе од 12 милиони Роми во Европа. Педесет години по Првиот ромски конгрес имаме генерациска должност да изградиме општество каде што ќе ги вреднуваме разликите, ќе го почитуваме достоинството и ќе обезбедиме рамноправно учество на сите граѓани подеднакво во донесувањето на одлуки за важни суштински прашања за нашата држава.

Сите заедно целиме кон градење на солидарно, праведно и слободно општество кое ја почитува различноста и човековото достоинство. Не само на 8 април, туку и во текот на целата година ја продолжуваме заедничката борба затоа што предизвиците, потребите и одговорностите на ромската заедница како и на сите останати граѓани, се секојдневни.

Драги пријатели,

Годинава, Меѓународниот ден на Ромите го одбележуваме во услови на глобална пандемија со КОВИД-19, која токму овој период, со најголема жестина досега, ги загрозува животите на сите македонски граѓани. Пандемијата нè потсети дека сите сме ранливи, а најмногу страдаат оние што се на маргините од општеството. Сите ние заедно, во нашите секојдневни улоги на политичари, членови на институции и невладини организации, активисти, медиумски работници, граѓани, сме одговорни да бидеме проактивни за да ја победиме пандемијата, но и да ги решиме наталожените проблеми со кои секојдневно се соочуваме за да можеме да изградиме просперитетна и сигурна иднина за секого.

Нека ни е честит 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите!

Bahtalo о 8. April sa e Romenge!

Читај Следно

10,348FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести