11 C
Skopje
среда, април 14, 2021
spot_img

МВР – Спасовски: Исполнувањето на добар дел од препораките на ГРЕКО е уште еден чекор напред во процесот на ветинг за департизирана и декриминализирана полиција

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски заедно со вицепремиерот Николовски и министерот за правда Маричиќ, денес учествуваше на прес-конференција во Владата за најновиот извештај на ГРЕКО,  за исполнување на препораките од петтиот круг на евалуација, на тема превенција од корупција и промовирање интегритет на централната власт.

Во прилог интегралното обраќање на министерот Спасовски:

Почитувани претставници на медиумите,

Доследна, бескомпромисна и неселективна борба против корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност е еден од врвните владини приоритети. Таа е заеднички двигател на реформските процеси на повеќе институции, меѓу кои и Министерството  за  внатрешни  работи, а резултатите на таа борба претставуваат  резултати на нашата држава во целост! И, конечно, тоа не е борба од денес за утре, со ад хок решенија и резултати, туку цел сет на политики, мерки и активности кои во континуитет ги преземаме за да обезбедиме трајни вредности на ова поле за нашата држава.

Оттука, препораките и насоките кои ги добиваме од ГРЕКО – тело задолжено за борба против корупцијата при Советот на Европа – ги сметам за посебно драгоцени и исклучително корисни за сите нас како институции, кои ги креираме политиките во овој сегмент, за што би сакал да упатам голема благодарност до нив, а посебно за позитивните и охрабрувачки оценки во нивниот Извештај за нашата земја за Петтиот круг на евалуација, усвоен пред неколку на 87. Пленарна седница на ГРЕКО, кои претставуваат уште една верификација дека сме на вистинскиот пат! Тоа, пак, дополнително нè мотивира да продолжиме по тој пат, цврсто решени до крај да го исполниме ветеното – нулта толеранција за корупцијата, нулта толеранција за сите кои ќе го прекршат законот, без исклучок!  

Со оглед на фактот што овој Извештај се занимаваше токму со евалуација на активностите исклучиво во делот на промовирање на превенцијата од корупција и интегритет на носителите на јавни функции, од аспект на надлежностите и делокругот на работа на Министерството за внатрешни работи, посебно се радувам што беа препознаени напорите на Министерството да одговори на  препораките на ГРЕКО дадени во 2019 година. Од нив дел се однесуваа на јакнење на независноста на полициските службеници и вработените во Министерството за внатрешни работи од политички влијанија, за што беше неопходно да се пристапи кон создавање на адекватна законска рамка. Затоа, Министерството за внатрешни работи пристапи кон неопходните законски измени, и тоа во Законот за внатрешни работи и Законот за полиција, суштински за успешна имплементација на препораките.

За крако време, имајќи го предвид долгиот временски период минатата година на распуштено Собрание кога со државата практично управуваше техничка Влада, без можност да се подготвуваат и носат закони од поширок интерес за државата, Министерството за внатрешни работи формираше експертска група, која подготви измени на Законот за внатрешни работи и на Законот за полиција, целосно имајќи ги предвид Препораките на ГРЕКО, а текстовите на измените се веќе објавени на ЕНЕР и отворени за дискусија и коментари за пошироката јавност, додека во периодот што следи, овие предлог измени ќе влезат во Владина, односно собраниска процедура.

Во очекување предложените законски измени да бидат усвоени од Собранието на Република Северна Македонија најдоцна до септември 2022 година, со што овие препораки, (вкупно 6) ќе бидат оценети како целосно  имплементирани, охрабрува констатацијата на ГРЕКО дека законските измени кои МВР ги има подготвено се во насока на деполитизација на полицијата, бидејќи предвидуваат:

• Оперативните наредби на полицијата да бидат издавани од Директорот на БЈБ, наместо од министерот за внатрешни работи;
• Нови, дополнителни професионални и објективни критериуми за избор на директор на БЈБ;
• Забрана за полициските службеници да членуваат во политички партии или да бидат носители на партиски функции;
• Задолжителен тест за интегритет за сите кандидати за полициски службеници и вработени во МВР;
• Редовна и континуирана проверка на интегритетот на сите постојни полициски службеници и вработени во МВР;
• Проширување на бројот на вработени во МВР кои ќе бидат обврзани да поднесуваат изјави за имотна состојба и конфликт на интереси, а кои во овој момент не се опфатени со Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Затоа, пак, во делот на препораките за превенција од корупција во рамките на МВР, оние кои не беа условени со законски измени, односно каде што не требаше да се чека завршувањето на вонредните парламентарни избори, конституирање на Собранието и формирањето на новата Влада, Министерството за внатрешни работи одговори веднаш по добивањето на препораките, што беше нотирано и од страна на ГРЕКО, па тие препораки, на мое големо задоволство, се ставени во графата на веќе реализирани активности.

Притоа, според оценката на ГРЕКО, успешно се исполнети препораките во следниве области:
• Јавно објавување на сите претставки и предлози покренати за дисциплинска и кривична одговорност на полициските службеници;
• Назначување на посебни лица за интегритет во рамки на МВР;
• Континуирани обуки на сите политички службеници во врска со јакнењето на нивниот интегритет и спречувањето на конфликтот на интереси, и
• Измена на Етичкиот кодекс на полициските службеници, со што сега се регулирани прашањата за конфликт на интереси, случаи на корупција и примање дарови од страна на полициските службеници.

Во Извештајот на ГРЕКО, исто така, се потенцира дека процесот на подготовката на новиот Етички кодекс на полициските службеници во МВР е целосно инклузивен, со вклучување на полициски службеници од сите нивоа, како и со претставници на синдикатот и од граѓанскиот сектор, што претставува уште една афирмација за нас. Притоа, Кодексот содржи јасни одредби, но и адекватни практични насоки за почитување на етичките стандарди и ги регулира прашањата за конфликт на интереси на полициските службеници, примање подароци, известување за неетичко однесување и сл.

Како што можете да забележите, исполнувањето на добар дел од препораките е во тесна врска и претставува уште еден чекор напред во   континуираниот процес на ветинг на полициските службеници, за  што се заложив уште со моето доаѓање на чело на МВР, а сè со цел да се зацврсти интегритетот на полицајците и нивната отпорност кон какви било влијанија кои се спротивни на законите. Односно, да имаме  декриминализирана и депаритизирана полиција која ќе го штити интересот на граѓаните и полицајци кои професионално и одговорно ќе си ја вршат својата задача.
Во оваа насока, уште еден позитивен сигнал од ГРЕКО е и оценката за соодветна надворешна контрола врз полициските сили, и тоа од страна на Омбудсманот и посебното одделение во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

Посебно ме радува фактот што од страна на ГРЕКО е препознаена и особено истакната позитивната транспарентност на МВР, преку  целосно имплементирање на нивната Препорака бр. 11 за  јавно објавување на буџетот на МВР, активностите, одлуките, управните постапки и јавните набавки на Бирото за јавна безбедност, како една од „најтајните структури на владите“, воопшто, според зборовите на ГРЕКО. Сега, овие податоци на МВР се целосно јавно објавени и лесно достапни за сите граѓани. Со ваквата транспарентност продуциравме квалитетно, прецизно презентирање, односно гласност во нашето институционално функционирање, а бенефитот е заеднички и повеќезначен: како за институцијата, така и за јавноста, за граѓаните.

На крај би сакал да го изразам моето уверување дека актуелното раководство на МВР, но и севкупниот организациски систем на ресорот продолжуваме со несмалена динамика за натамошно профилирање и имплементирање а сите нужни стандарди, особено во делот на борбата против корупцијата, како во самиот систем на полициското функционирање, така и генерално, во поглед на спроведувањето на законите. Уште еднаш би сакал да упатам благодарност до ГРЕКО, бидејќи овој, но и другите извештаи и препораки, за нас се и ќе бидат од круцијално значење како патоказ, но и како пракса, што бездруго ќе биде практично валоризирана во секојдневното работење и функционирање на министерството.

Читај Следно

10,348FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести