6 C
Skopje
среда, април 14, 2021
spot_img

Свечено одбележана првата годишнина од членството во НАТО (видео)

Република Северна Македонија свечено ја одбележа првата годишнина од членството на земјата во НАТО.

Во програмата на свеченоста присуствуваа и учествуваше државниот врв на Република Северна Македонија, членови на Владата и на Собранието, највисоките претставници на Армијата, делегација на НАТО, предводена од командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, дипломатскиот кор во земјата и многубројни други претставници и делегации од земјата и странство.

Претседателот на Република Северна Македонија во своето обраќање истакна дека пред точно една година станавме полноправна членка на Северноатлантската алијанса. Пендаровски додаде дека патот до членството беше долг, и со него се заокружија заложбите на повеќе парламентарни состави и влади, со поддршка на огромното мнозинство македонски граѓани.

„Во овој период на глобална неизвесност и геополитички тензии, НАТО е важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија. Членството во НАТО не е гаранција дека веќе нема да се соочуваме со предизвици бидејќи тие се неминовни за секоја држава во светот. Меѓутоа, членството е гаранција дека кога ќе се соочуваме, нема да бидеме сами и дека нашата подготвеност за отпор и за одбрана ќе биде мултиплицирана. Нашата прва година од членството токму тоа го потврди“, нагласи Пендаровски.

Во тој контекст претседателот Пендаровски гледа и на справувањето со пандемијата којашто започна како здравствена криза, брзо прерасна во економска, социјална и еколошка криза и во чие менаџирање се вклучи и НАТО.

„Сè уште е рано да се согледаат долгорочните последици од оваа несреќа. Но, едно е очигледно ‒ целиот свет живее во епоха на исклучителна непредвидливост. Се менува не само бројот и интензитетот туку и карактерот на безбедносните ризици и хибридни закани, кои се комплексни за менаџирање и за најмоќните држави, и токму тука се предностите од членството во НАТО. Имено, многу од проблемите со кои како држава се соочувавме пред пандемијата и пред членството не исчезнаа, но станаа полесни за носење“, рече претседателот Пендаровски на свеченоста по повод првата годишнина од членството во НАТО.

Претседателот на Владата Зоран Заев потенцираше дека членството во НАТО е израз на нашата натпартиска, широка, мнозинска, национална, мултиетничка и државничка одлука за тоа дека патот напред е патот на демократијата, сигурноста и безбедноста.

„Ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Северна Македонија во НАТО – тогаш тој збор е: УСПЕАВМЕ! Успеавме затоа што членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија“, истакна претседателот на Владата.

Премиерот Заев додаде дека претставниците на нашата земја во НАТО денеска седат на заедничка маса со најголемите и најразвиените земји во светот и дека Северна Македонија е еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии и заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност.

„Активно учествуваме во мисиите на НАТО, од кои дел се насочени кон зачувување на мирот и стабилноста, а дел кон развој на локалните капацитети и институции за одржување на мир, безбедност и стабилен демократски развој. Кога е безбедноста и сигурноста во прашање, не сме повеќе тема на дневен ред. Сега и ние учествуваме во креирањето на дневниот ред. Дискутираме за сите прашања и заедно ги носиме одлуките со другите сојузници во НАТО“, потенцираше претседателот на Владата Зоран Заев.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање рече дека членството во НАТО беше наша битка и која ја добивме.

“Членството на Република Северна Македонија во најмоќниот воено-политички сојуз на светот е најголемото достигнување во нашата историја како независна држава. Денеска го видовте нашиот сојуз. Сојуз на небо и на земја. Сојуз на држави со исти вредности и иста цел: безбедност и мир во свет кој стана уште понепредвидлив: пандемија, тероризам, засилена геополитичка конфронтација, сајбер напади, па сé до лажни вести, климатски промени и елементарни непогоди. Сојуз во кој имаме што да понудиме”, истакна министерката за одбрана Шекеринска.

Обраќајќи им се на припадниците на Армијата, Шекеринска рече вложувањето во Армијата и во нејзините припадници е вложување во нашиот мирен сон.

„Кога инвестираме во сајбер безбедност, инвестираме во безбедност за домашната критична инфраструктура, сигурност на нашите системи за снабдување. Кога ги ремонтираме нашите хеликоптери, имаме дополнителен државен ресурс. Кога обезбедуваме оклопни возила, тоа го правиме за да дадеме сила и заштита на македонската одбрана. Владата ќе продолжи да инвестира и да ја модернизира армијата – не за НАТО – за нас”, рече министерката Шекеринска, и додаде дека ќе продолжиме да ја градиме Армијата како гордост на секој граѓанин: Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин или Бошњак за наша целосна воена интеграција во НАТО и не само за НАТО, туку за нас.

Командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, во своето поздраво обраќање по повод првата годишнина од нашето членство во НАТО потенцираше дека и пред да стане сојузник, Северна Македонија долго време беше партнер на НАТО како придонес за евроатлантска безбедност.

„Вашата посветеност кон Алијансата се докажува одново и одново. Алијансата е посилна поради вашите споделени принципи и вредности со НАТО, со вашата посветеност кон идеалите за слобода и демократија и вашата цврста решеност да обезбедите мир и стабилност. Прославувајќи го ова важно постигнување, гледаме и кон иднината. Секој сојузник на НАТО носи важни придонеси. Јас ве охрабрувам да ги надградите вашите специјални способности и уникатната експертиза што и ја носите на Алијансата. Знам дека и понатаму ќе им служите како сјаен пример на другите земји кои го следат вашиот пат“, истакна командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк кој ја предводеше делегацијата на НАТО на свеченоста по повод првата годишнина од нашето членство во Алијансата.

Програмата по повод една година  од членството во НАТО беше исполнета со показни вежби и активности на Армијата, вклучувајќи прелет на грчки воздухоплови во рамки на мисијата „Air Policing“, заедно со хеликоптери на македонското воено воздухопловство, точката Егзерцир на армиската Гарда, како постројувањето и маршот на ешалони од единиците кои учествувале во мисиите предводени од НАТО меѓу кои се и припадниците на Лесниот пешадиски баталјон.


Премиерот Заев на свеченоста по повод една година од членството во НАТО: Седиме на маса заедно со најголемите и најразвиените земји во светот и заеднички ги градиме иднината, го чуваме мирот и ги негуваме демократските вредности

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев денеска се обрати на свеченоста по повод првата годишнина од членството на земјата во НАТО.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

Денеска одбележуваме ден што ќе го паметат сите идни генерации и што е длабоко врежан во современата историја на Северна Македонија – 27 март денот кога станавме полноправна членка на најмоќниот сојуз во светот – НАТО.

Ден од кој започна да се вее македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, како знаме на 30-тата членка на Алијансата, знаме на сојузник еднаков со останатите. 

Тоа е Денот на остварување на сонот на нашите предци револуционери – тоа е сонот кој стана реалност, да бидеме рамо до рамо со најголемите од Светот. 

Пред една година остваривме една од најважните стратешки цели за државата зацртана  во темелите на нашата независност и усвоена со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година.

Денес членството во НАТО е израз на нашата натпартиска, широка, мнозинска, национална, мултиетничка и државничка одлука за тоа дека патот напред е патот на демократијата, сигурноста и безбедноста. 

Или ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Северна Македонија во НАТО – тогаш тој збор е: УСПЕАВМЕ! 

Успеавме затоа што членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија. 

Седиме на маса заедно со најголемите и најразвиените земји во светот. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност.

Активно учествуваме во мисиите на НАТО, од кои дел се насочени кон зачувување на мирот и стабилноста, а дел кон развој на локалните капацитети и институции за одржување на мир, безбедност и стабилен демократски развој. 

Од минатата година учествуваме во мисијата КФОР на Косово, а од оваа година ќе го зголемиме нашето учество. Од примарна важност за нас е нашето соседство да е мирно и стабилно. 

Северна Македонија е составен дел на најуспешната воено-политичка Алијанса во историјата на човековата цивилизација. Воено супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација, која обединува безмалку една милијарда луѓе и повеќе од 50 проценти од светскиот БДП.

НАТО е организација која е изградена на заеднички демократски вредности. Демократските вредности ги споделуваме со нашите сојузници и членството во НАТО ни помага тие вредности да ги чуваме, развиваме и да ги промовираме и дома. 

Членството во НАТО е дополнителен мотив за зајакнување на социјалната кохезија во Северна Македонија, и служи за зајакнување на отпорноста на нашата демократија. 
НАТО е и нашата здружена светска сила во чии рамки се справуваме со опасниот глобален непријател, односно со дезинформациите и манипулациите.

Почитувани,

Кога е безбедноста и сигурноста во прашање, не сме повеќе тема на дневен ред. Сега и ние учествуваме во креирањето на дневниот ред. Дискутираме за сите прашања и заедно ги носиме одлуките со другите сојузници во НАТО.

Тоа е огромна придобивка од нашиот успех со членството во НАТО и тој успех е нај јасно изразен во фактот што како членка на Алијансата, Северна Македонија денес, заедно со сите други сојузници, учествува во стратешкото исцртување на визијата за НАТО во наредните 10 години. 

Учествуваме во процесот „НАТО 2030“ во кој сите 30 сојузници заедно се согласија како приоритет да го одржат континуитетот на најсилен воен сојуз во светот.

За ова прашање имаме и силен политички консензус кој произлегува токму од вториот приоритет на визијата за НАТО 2030 дека посилно од нашите разлики како држави е она што не обединува и што е наша основна мисија: Да се заштитуваме и браниме едни со други и да ги одбраниме нашите вредности што не поврзуваат – демократијата, индивидуалните слободи и владеењето на правото.

Гласот на Алијансата е помоќен кога сме обединети и околу третиот приоритет на НАТО 2030, а тоа е преземање на посуштествен глобален пристап кога се во прашање предизвиците со глобални влијанија како што се тероризмот, сајбер заканите и нападите со дезинформации.

Солидарноста на сојузништвото ја видовме сите членки во услови на глобална пандемија, кога си помагавме едни на други со основните средства за заштита за да се преброди првичниот бран на кризата.  

Голем број наши сојузници ни помогнаа со донации во медицинска и заштитна опрема, како и во препарати за дезинфекција и други материјали. НАТО донираше 60 механички вентилатори за полесно справување со последиците од пандемијата. 

Нашите капацитети и ресурси се посилни благодарение на солидарната поддршка од сојузниците, што е директен придонес од нашето членство во НАТО.

И во тој контекст, сакам уште една да се заблагодарам на Армијата што низ цела оваа година неуморно го помага здравствениот систем. Армискиот придонес ни значи на сите – спасувате животи!

Почитувани,
Од пред една година партнерите станаа сојузници, кои рамо до рамо, заеднички ја градат иднината, го чуваат мирот и ги негуваат демократските вредности! 

Нашата про-атлантска ориентација има длабоки корени. Членството во НАТО за нас не беше само политички престиж, туку пред сѐ и признание за демократските вредности, поддржани од граѓаните на наша земја. 

Со членството во НАТО надминуваме поделби, политички и меѓуетнички и се издигаме посилни и пообединети, благодарение на желбата за подобро заедничко утре и амбицијата тоа да го реализираме.

Во тој дух, овој свечен ден повикува да продолжиме и понатаму кон остварување и на нашата втора стратешка цел – членството во Европската Унија.

Денес, кога славиме една година од членство во НАТО, како 30-та членка и кога оваа 2021 година одбележуваме 30 години независна држава, со гордост можеме да констатираме дека сонот на многу генерации, е исполнет. 

Тоа е јасна порака за помладата генерација, да сонува и храбро да се бори за своите соништа!

Да живее НАТО. Да живее Северна Македонија.


Претседателот Пендаровски: Денес на нашето небо, како симбол на нашата поврзаност со сојузниците во алијансата прелетуваат воени авиони на НАТО како дел заедничката евроатлантска територија во која Северна Македонија е рамноправна членка

Претседателот на Република Северна Македонија денеска се обрати на свеченоста по повод првата годишнина од членството на земјата во НАТО.

Во продолжение ви го пренесуваме интегралното обраќање на претседателот Пендаровски:

Пред точно една година станавме полноправна членка на Северноатлантската алијанса. Патот до членството беше долг и тежок, чекавме 20 години, најмногу од сите кандидати во историјата на организацијата. Но, и покрај сите одлагања, не се откажавме, затоа што тоа беше и останува наша клучна стратешка цел од независноста до денес. 

Со тоа ги заокруживме заложбите на повеќе парламентарни состави и влади, и ја материјализиравме поддршката која во континуитет ни ја даваше огромното мнозинство македонски граѓани. 

И пред членството ние ги споделувавме вредностите и принципите на сојузот. Спроведувавме реформи во одбраната, се проверувавме на заедничките воени вежби, учествувавме во ризичните мировни мисии и на тој начин активно придонесувавме за нашата и за заедничката безбедност. 

Притоа, бевме свесни за една вистина. Членството во НАТО не е гаранција дека веќе нема да се соочуваме со предизвици бидејќи тие се неминовни за секоја држава во светот.

Меѓутоа, членството е гаранција дека кога ќе се соочуваме, нема да бидеме сами и дека нашата подготвеност за отпор и за одбрана ќе биде мултиплицирана. Нашата прва година од членството токму тоа го потврди. 

Пандемијата којашто започна како здравствена криза, брзо прерасна во економска, социјална и еколошка криза. Ние, и светот,  претрпевме непроценливи човечки и огромни материјални штети. Сè уште е рано да се согледаат долгорочните последици од оваа несреќа. Но, едно е очигледно ‒ целиот свет живее во епоха на исклучителна непредвидливост. Се менува не само бројот и интензитетот туку и карактерот на безбедносните ризици и хибридни закани, кои се прекомплексни за менаџирање и за најмоќните држави. 

И токму тука се предностите од членството во НАТО. Имено, многу од проблемите со кои како држава се соочувавме пред пандемијата и пред членството не исчезнаа, но станаа полесни за носење.

Денес над нас, како симбол на нашата поврзаност, прелетуваат воени авиони на НАТО, кои се дел од воздушното патролирање и заштита на нашето небо кое е дел од заедничката евроатлантска територија, предмет на колективна заштита. 

Веќе една година учествуваме во сите работни комитети и тела, и носиме стратешки одлуки. Како рамноправна членка имаме целосен пристап кон најрелевантните информации со кои располага Алијансата. Тој механизам за размена на информации ни помага да ја превенираме опасноста и подобро информирани да креираме политики и да носиме одлуки за виталните безбедносни и надворешнополитички прашања. Во исто време, дел сме од координативните механизми на НАТО за справување и со хибридните закани и кампањите за дезинформирање на јавноста. 

Во однос на пандемијата, НАТО беше и сè уште е ангажирано здравствената криза да не премине во безбедносна. Преку солидарните механизми на НАТО, уште на самиот почеток, добивме неопходна медицинска опрема и материјали, но и споделено знаење и искуства. 

Ценети присутни,

Во овој период на глобална неизвесност и геополитички тензии, НАТО е важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија. Но, оваа поддршка и солидарност е двострана. На наша територија, во услови на прогласена кризна и вонредна состојба ја ангажиравме армијата како поддршка на министерствата, за здравство и за внатрешни работи, и на единиците на локалната самоуправа. 

Продолжуваме со учеството во мировните мисии. Во моментов припадници на армијата се дел од мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан. Во ноември 2020 година, за првпат станавме дел од мисијата „КФОР“ на Косово со што почнавме да придонесуваме директно и за стабилноста на регионот. 

Со цел да ја засилиме отпорноста на државата кон новите и старите закани, продолжуваме да вложуваме во модернизација и во развој на армијата. Во тој дел, меѓу претседателот и Владата постои консензус за прецизна временска рамка кога треба да ја постигнеме целта за издвојување на 2% од БНП за одбраната и ние имаме намера да го испочитуваме дадениот збор. 

Но, во исто време, за да бидеме подготвени за постковид свет, еднакво важно е да ги негуваме темелните вредности на западната алијанса ‒ слободата, демократијата и владеењето на правото како основни предуслови за економски и социјален развој. 

Почитувани присутни,

Иако оваа годишнина ја одбележуваме во вонредни услови, со колективни штети и многу лични трагедии, не смееме да го изгубиме од предвид вистинското значење на овој ден. 

Нашата прва година од членството беше истовремено и една од најтешките години во поновата светска историја. Но, на предизвиците сега не им гледаме во очи сами, со нас се 29 држави, 29 демократии, 29 моќни армии, 29 наши пријатели, и во добри и во лоши времиња.  

Драги пријатели, 
Посакувам идните годишнини и јубилеи од македонското членство во НАТО да ги прославуваме во помирен и побезбеден амбиент.
Ви благодарам.


Министерката Шекеринска по повод првата годишнина од членството во НАТО: Нашата целосна воена интеграција во НАТО значи дека ќе бидеме подобри не само за НАТО, туку и за нас

Во прилог ви го пренесуваме интегралното обраќање на министерката за одбрана Радмила Шекеринска на свеченоста по повод првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО:

Во годината во кој одбележуваме 30 години независност, ја славиме и првата годишнина од нашето членство во НАТО. Тоа не е случајно. Оваа генерација македонски граѓани знаеше дека единствениот вистински начин да се оддолжиш на своите предци за нивните историски и исправни одлуки е да ја покажеш истата храброст и мудрост кога ќе ги биеш новите битки. Членството во НАТО беше наша битка и ние ја добивме таа битка!

Со жртви, со ризици и со многу работа. Но, ја добивме. Членството на Република Северна Македонија во најмоќниот воено-политички сојуз е најголемото достигнување во нашата историја како независна држава.

Достигнување кое значи препознатливост во светот, стабилност и безбедност. Безбедност која нуди шанса за просперитет. Безбедност која значи посакуваност на инвестициската мапа, авторитет и меѓународен углед.

Бевме сами, сега сме дел од една милијарда луѓе под безбедносниот чадор на Алијансата. И тоа навистина е голем успех.

Членството во НАТО беше наша битка и ја добивме! Некои понесоа поголем товар од останатите. Затоа сме токму тука во касарната „Илинден“ да ја одбележиме првата годишнина од нашето членство во НАТО. 

Најкорисен совет што го добив одамна и на кој често се навраќам е дека она што луѓето го говорат за себе не е важно, не се брои – бидејќи можат се да кажат. Гледај само што направиле – резултатите не лажат!

Кога ве гледаме сите вас – знаеме што сте направиле и знаеме дека тие резултати не лажат.

Денес сме тука да си ја честитаме првата година од нашето НАТО членство, но и да изразиме почит кон сите вас и вашите претходници кои низ бројните тренинзи, вежби и обуки во странство, учеството во меѓународни мировни мисии во Авганистан и Косово му покажаа на светот и на НАТО кои сме, какви сме и колку сме сериозни во нашата намера да успееме.

Почитувани старешини и војници, сегашни и поранешни, ви благодариме што го носевте бајракот на нашите заложби да бидеме безбедна земја, дел од колективната одбрана на НАТО.

Почитувани гости, почитувани припадници на Армијата,

Што сега кога големата цел е постигната? 

Некој многу помудар од мене еднаш кажал дека животот е дефиниран со движење, со промени. Тоа што не се движи е мртво. Тоа што има брзина и мобилност има повеќе можности, повеќе живот.

НАТО дури и пред да станеме членка повторно нé стави во движење. Почнавме трансформација и реформи, го подигнавме темпото, носевме одлуки, пресекувавме… Затоа сме денес подобри.

Затоа и ќе продолжиме. Ќе продолжиме да ја градиме Армијата како гордост на секој граѓанин: Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Влав или Бошњак. Ќе продолжиме да и обезбедуваме секоја година повисок буџет за да секој момент имаме Армија на која ќе може да се потпреме: во мир и во војна, во добро и во лошо, при криза, епидемија, пожари или поплави… Ќе продолжиме да градиме интегритет и транспарентност по кои станавме препознатливи. 

Нашата целосна воена интеграција во НАТО која ќе се случи оваа година значи дека ќе бидеме подобри. Не само за НАТО, туку за нас.

Кога вложуваме во вас, вашите примања, условите за работа – вложуваме во нашиот мирен сон.

Кога инвестираме во сајбер безбедност, но и безбедност за домашната критична инфраструктура, сигурност на нашите системи за снабдување.

Кога ги ремонтираме нашите хеликоптери, имаме дополнителен државен ресурс. Кога обезбедуваме оклопни возила, тоа го правиме за да дадеме сила и сигурност на македонската одбрана. 

Владата ќе продолжи да инвестира и да ја модернизира армијата – не за НАТО – за нас. За нашата безбедност. За овие момци и девојки. За овие офицери и подофицери. За нивното знаење, но и за срцето со кое влегуваат во секоја битка, во секој предизвик.

Во тој дух ги развиваме и сите наши Цели на способности. Го развиваме нашиот нов Лесен пешадиски баталјон, кој веќе од следната 2022 година треба да биде подготвен за распоредување, и кој во 2027 година ќе прерасне во Лесна пешадиска баталјонска група. Развиваме и два тима за специјални операции, еден хируршки тим од 2028 година и тим на специјалисти – експерти за стабилизација и реконструкција. Нашата Армија, како што денеска се уверивте и ќе се уверите, има што да им понуди на сојузниците.

Денеска го видовте нашиот сојуз. Сојуз на небо и на земја. Сојуз на нации со исти вредности и иста цел: безбедност и мир во свет кој стана уште понепревидлив: пандемија, тероризам, засилена геополитичка конфронтација, сајбер напади, па се до лажни вести, климатски промени и елементарни непогоди. Сојуз во кој имаме што да понудиме.

Честитки до сите граѓани на Република Северна Македонија и до сите оние што работеа сонот да стане реалност. Ви благодарам на сета макотрпна работа, енергија, жртви, огромен оптимизам со кој успеавме да стигнеме до целта. Честитки. 

Читај Следно

10,348FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести