6 C
Skopje
среда, април 14, 2021
spot_img

Избори со еден кандидат се добри за Мицкоски само кога се гласа за него

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека денешните избори во СДСМ се севернокорејска демократија, бидејќи актуелниот претседател на партијата и премиер, Зоран Заев е единствениот кандидат.

Пред Владата тие поставија постер на кој го прикажуваат Заев седнат во фотелја и облечен како севернокорејскиот лидер, Ким Јонг-ун.

„Со денешните избори во СДСМ севернокорејската демократија се повеќе и повеќе продира во Македонија. Кој сака, нека честита“, вели Валентин Манасиевски ВМРО-ДПМНЕ.

За потсетување токму Мицкоски на 16 Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово беше единствен кандидат, и разлика од претходните партиски конгреси, тој се соочи со отсуство на дури 133 делегати од вкупно 544. Присутни беа 411 делегати со што беше исполнета обврската од членот 18 од партискиот статут „конгресот да може да работи ако се присутни најмалку две третини од вкупниот број делегати“.

Тогаш прашањето не беше само во математиката, туку и во симболиката. Со забелешки дека Конгресот не ги исполнува демократските стандарди, на него не присуствуваат долгогодишните пратеници, дел поранешни министри и блиски соработници на Груевски: Антонио Милошоски, Илија Димовски, Трајко Вељаноски, Борис Змејковски, Зоран Ставрески, Владимир Пешевски, Никола Тодоров, Никола Попоски, Марта Томовска-Арсовска и ред други високи функционери.

Во периодот пред Конгресот, “магично” се откажуваа сите кои ќе покажеа амбиции, за на крајот да остане само Мицкоски како единствен кандидат.

Во тој период се појави и Иницијатива за одложување на конгресот во која учествуваа голем дел високи функционери.

„Јас сум поминал многу партиски битки, ама не се сеќавам дека во некоја од нив бил присутен и Мицкоски. А ако навистина се смета за толку голем демократ, тоа лесно можеше да го докаже со откажување од учество во изборот за претседател во вакви околности“, изјави тогаш Илија Димовски еден од иницијаторите за одложување на Конгресот.

Таквата иницијатива беше отфрлена од Извршниот Комитет непосредно пред Конгресот. Но за атмосферата во која бил донесен заклучокот, зборува и фактот дека на седницата не присуствувале голем број од членовите на ИК, кој има 33 членови. Отсуствувале Никола Попоски, Никола Тодоров, Емил Димитриев, Зоран Илиоски, Нермин Теловска, Џери Наумоф, Диана Транталовска и Анета Стојановска-Стефанова. „За“ одложување на Конгресот гласале само Антонио Милошоски и Илија Димовски, „воздржани“ биле Зоран Ставревски, Александар Николоски и Зекир Рамчиловиќ, а останатите гласале „против“ одложување на Конгресот.

Илија Димовски во тој период беше најгласен околу Конгрес и изборот на Мицкоски.

„Овој Конгрес не ги исполнува демократските стандарди. Од тие причини, и јас и други имиња кои се спомнуваа во јавноста, одлучивме да не поднесеме кандидатура. Фактот дека ќе има само еден кандидат е изненадувачки, и не позитивен за партијата. Се надевам дека партијата ќе разбере дека е потребен нов концепт, поголем степен на разумност и отвореност, транспарентност и демократичност, со цел да покажеме дека можеме да бидеме подобри од СДСМ и да ја смениме оваа неуспешна и штетна власт“, изјави тогаш Димовски, потенцирајќи дека се надева оти „она за што иницијаторите јавно проговориле, ќе биде разбрано во добра смисла“.

Од вкупно 544 делегати на Конгресот на првиот ден пристигнаа 411, но на вториот ден, или денот кога се гласаше Мицкоски нивниот број се зголеми на 438. Од нив десет воопшто не гласаа. Од оние што гласаа (428), за Мицкоски се изјаснија 376, а 52 ливчиња беа неважечки.

Во презентацијата на неговата визија како претседател , Мицкоски најави дека ќе се фокусира на три столба во обидот да ја врати ВМРО-ДПМНЕ на победнички патеки: збивање на внатрешните редови и поголема кохезија, подобрување на угледот кај меѓународниот фактор и зголемување на коалициските капацитети на партијата.

Мицкоски тера веќе четврта година како Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, зад себе бележи само изборни порази и веќе стана мета за мајтап од СДСМ, но и од граѓаните. Во февруари годинава тој најави дека е можно ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира изборите годинава, па СДСМ преку соопштение го потсети на сите негови порази како претседател.

“Губитникот Христијан Мицкоски се плаши од сопствениот народ, страв му е да се соочи со граѓаните на избори, бидејќи е свесен што го очекува. Токму во таа насока се најавите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бојкотира претстојните локални избори. Стравот на Мицкоски не е неоснован. Граѓаните на сите избори изминатите четири години, локални, претседателски и парламентарни, на локалните избори во Штип како и на референдумот се изјаснија дека не сакаат политичари како Мицкоски, кои се без став за важни прашања, кои шират лажни вести, кои работат против интересите на својот народ и својата држава. Граѓаните континуирано бираат развој, напредок, одговорност и стабилност, а не блокади, бојкот, лаги, стравови и хистерии.” – стоеше во соопштението на СДСМ.

Мицкоски не се плаши само од избори, туку и од партиски конгрес и соочување со делегатите кои го поставија токму на тоа место каде што е денес. Од Иницијативата за Вонреден Конгрес го одложија конгресот кој требаше да се случи на 28 март и да се гласа недоверба на Мицкоски, но според нашиот извор подготовките за конгрес со нов датум се во тек со што станува неизбежно дека на Мицкоски му претстои тежок период и уште потешко политичко “преживување” на сцената.

Читај Следно

10,348FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести