Македонската ракометна репрезентација повеќе нема џокери. Чиле е шансата за избраниците на селекторот, Данило Брестовац за пласман во следната фаза на Светското првенство по поразите од Шведска и Египет. Дуелот кој е последен од групната фаза се игра во 15:30 часот.
Противникот ни е добро познат, за време на подготовките во Скопје, нашите ракометари двапати славеа (28-24, 25-21) без Кирил Лазаров и Стојанче Стоилов во составот, што пак влева надеж дека и во следните денови Египет ќе биде наша главна преокупација.
Иако зад себе имаме лоши партии, сепак желба за победа е голема, никој ја нема изгубено самодовербата, а што е најважно нашиот најдобар ракометар, Лазаров и натаму верува во младите сили. Токму со негова поддршка, Македонија треба да дојде до првиот триумф на Мундијалот и да испрати порака од Египет дека имаме светла ракометна иднина.
„Тие две победи од Скопје не треба да нè залажат, сега е официјално. Горе-долу ги знаеме нивните предности и слабости, но треба да се фокусираме на нас, да одработиме тоа што ни е зададено и да дадеме сè од себе. Да прикажеме една друга слика од првите два меча, со Шведска и со Египет“, вели Мартин Томовски, кој имаше неколку одлични одбрани против Египет.
Традицијата е на наша страна. Македонија до сега ги има добиено сите мечеви против Чиле, последен пат на официјален натпревар ги совладавме на СП 2019 година во Германија, тогаш со тешки маки славевме со 32-30 со далеку поискусни имиња во составот.