Хрватскиот научник од Гете институтот во Франкфурт, Иван Ѓикиќ, предупреди денеска дека пандемијата не слабее, доаѓа третиот бран и дека се очекува влошување на ситуацијата низ цела ЕУ во текот на овој и следниот месец.
Ѓикиќ вели дека особено загрижува појавата на неколку нови видови на побрзо ширење на вируси, кои можат да го затрпаат и оптоварат здравствениот систем многу побрзо досегашниот вид.
„Ова нè упатува на неопходната дополнителна претпазливост, пред се во воведувањето на подобри технологии за тестирање и откривање на ширењето на вирусот, како и на дополнителна поддршка за здравствениот систем“, рече Ѓикиќ за загрепскиот „Вечерњи“.
Тој посочи дека поради овие два фактори, многу земји ги продолжуваат и заоструваат епидемиолошките мерки до крајот на јануари, и потребно е внимателно да се следат сите промени во локалните средини, по што ќе има евалуација.
Како добра вест, тој посочи дека се очекува употреба на вакцината Оксфорд/АстраЗенека во ЕУ.
Тој, сепак, предупреди дека вакцинацијата во првите два месеци од оваа година нема да има никакво значење, бидејќи имунитетот се стекнува само пет до шест недели по вакцинирањето.
Тој тврди дека сегашните бројки на новоинфицирани лица не се реални, кога станува збор за Хрватска, бидејќи сите тие во последните денови се насочени кон приоритетна помош на подрачјето загрозено од земјотрес.
„Веројатно е дека вирусот продолжува да се шири и дека сегашните бројки не претставуваат реална слика. Затоа, најдобро е да се почека со одлуките до 20 јануари, до кога треба да се зголеми бројот на тестирани лица“, рече Ѓикиќ.