Министерството за политички систем вчера се всели во новата луксузна зграда вредна 14 милиони евра. Новите работни простории на Министерот Артан Груби повторно ги отворија полемиките околу проектот Скопје 2014 и неговата економска и естетска оправданост.
На власта веќе не и пречи „барокот и режимскиот кич“, а опозицијата ја смени реториката што ја наметна Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој пред точно една година почна да се оградува од проектот Скопје 2014.
Имено во февруари 2020 година, во интервју на Телевизија Телма, Мицкоски се обиде срамежливо да се огради од проектот кој што го реализираше неговиот претходник Никола Груевски.
Мицкоски тогаш посочи дека му се допаѓал проектот Скопје 2014, но дека би ги потрошил парите поинаку доколку тој одлучувал.

Затоа вчера партијата собра храброст да се пофали со тоа што било реализирано во претходниот мандат кога Мицкоски не беше на нејзино чело.
„ Зградата во која денес се всели министерството за политички систем е започната со градба во 2015 година, а беше спремна за вселување уште 2017 година. СДСМ чекаше буквално 4 години, можеби со мисла дека народот ќе заборави дека истата е градена во време на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ од инает не влегуваат во нови згради, затоа што тие се градени од ВМРО-ДПМНЕ, а од инаетот на СДСМ страдаат вработените во институциите, граѓаните и буџетот. Tоа што ВМРО-ДПМНЕ го изгради, Заев не може да го искречи. Власта плаќа кирии за стари објекти, повеќе пари за греење и други трошоци затоа што Заев не може да се помири со фактот дека ништо не направил. 4 години имаме општа стагнација, но и после 4 години единствено добра работа што е направена е направена од ВМРО-ДПМНЕ.“ реагираше вчера опозициската партија преку соопштение.