Овој Ковид-19 навистина прави големи проблеми, па и во фудбалот. Пред неколку дена СПОРТМЕДИА објави дека најголем дел од нашите клубови, кои планираа и оваа зима да заминат на подготовки во Анталија се откажаа. Но сепак како што дознаваме, најмалку три од нив сеак имаат намера да замина во прекрасниот турски туристички – спортски бисер на Средоземното море.
Но, од вчера проблемите се зголемуваат. Имено Владата на Р. Турција воведе задолжителни ПЦР-тестови за сите оние кои влегуваат во таа земја и таа мерка ќе биде на сила се до 1 март следната година.
Ова ќе важи за клубовите од Европа и Азија, кои редовно се подготвуваат во Анталија, да мора да бидат тестирани.
Инаку во Анталија, барем според нашите информации, за играчите и клубовите, се воведени строги протоколи кои мораат стрикно да се почитуваат. Како што е познато нашите клубови најмногу одат таму поради благата клима во овој дел од годината, одличните терени и услови за работа, но и поради пријателските мечеви со квалитетни екипи.
Дел од тие протоколи се дека пред секој таков меч мора секоја екипа, сите членови во експедицијата, да бидат тестирани. Во соба не смее да има две лица, значи ако експедицијата на некој наш клуб брои 35 членови, мора да бидат “букирани“ 35 соби, што е јасно е дека двојно го зголемува трошокот. Најголем проблем е тоа што ако некој биде позитивен, тој мора најмалку две недели да биде во карантин во својата соба, и ако во меѓувреме експедицијата се врати во Македонија, тој мора да остане во Анталија, во собата во хотелот, се додека биде негативен. Нешто слично како што беше со нашите кошаркарски репрезентативци во Талин.
Значи од ова произлегува дека македонските центри, како Охрид, Струга, Дојран…ќе бидат пребукирани со клубови и играчи.
Дома си е дома.