Connect with us

Hi, what are you looking for?

Македонија

Заев на отворањето на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија: Имаме силна и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување

Во Софија денеска започна лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, на кој оваа година ко-домаќини се Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Заради ситуацијата со КОВИД-19 Самитот е организиран со физичко присуство на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија и со учество преку видео конференциска врска на останатите учесници.

Во поздравното обраќање за успешна работа на Самитот претседателот на Владата на Северна Македонија Заев потенцираше дека тоа што за прв пат од започнувањето на Берлинскиот процес, ко-домаќини се една земја кандидат од регионот заедно со соседна земја-членка на ЕУ е јасен доказ дека регионот силно го прифати овој процес како свој, и дека со оваа соработка Северна Македонија и Бугарија обезбедија извонредна платформа за понатамошно негување на билатералните односи.

Посебен акцент премиерот Заев стави на новата динамика во процесот на пристапување на земјите од Западен  Балкан во ЕУ, особено по мартовскиот Европски совет со обновената преговарачка методологија и одлуките за започнување преговори со Северна Македонија и Албанија, и Загрепскиот самит во мај, како и со пакетот за проширување од Европската комисија оваа есен и со сериозниот Економски и инвестициски план.

Заев додаде дека заедно со напорите на Германското претседателство со Европскиот совет, таа динамика е извонредна можност регионот на Западен Балкан сигурно да напредува кон ЕУ.

„Верувам дека имаме обновен импулс и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување и за спроведување на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани“, истакна премиерот Заев.

Со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра, ЕУ исто така храбро ја потврди својата поддршка на Западен Балкан, рече премиерот Заев и додаде дека овој пакет ќе обезбеди голема финансиска поддршка за нашите реформски процеси и за економска трансформација на Регионот.

„Многу сум задоволен дека денеска ќе имаме можност да дискутираме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, за визијата за заедничкиот регионален пазар и за Зелената агенда за Западен Балкан. Поддршката за двете иницијативи преку декларациите на лидерите од Западен Балкан треба да го поттикнат развојот во регионот, но исто така и да се осврнат на некои од актуелните еколошки и здравствени предизвици, со огромен потенцијал за раст и креирање на нови работни места“, нагласи Заев.

Премиерот Заев во своето обраќање на почетокот на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија рече дека основите за економската, социјалната и зелената трансформација на нашиот регион за наредите години се цврсто утврдени, и дека регионот исто така ја покажа својата зрелост и отпорност за време на оваа пандемија.

„Пандемијата уште повеќе го обедини Западниот Балкан во борбата против овој невидлив непријател, донесувајќи толеранција и соработка и создавајќи заедничка свесност дека хуманоста има предност пред политиката“, истакна премиерот Заев.

Заев додаде дека за време на заедничкото ко-домаќинство со Берлинскиот процес оваа година дополнителен поттик добија и неколку други процеси како што е регионалниот договор за патување со лична карта, проширувањето на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на ЕУ и јакнењето на соработката на полето на здравството како регионален одговор на пандемијата, како и соработка со граѓанското општество, особено на прашањата поврзани со младите.

„Убеден сум дека со постигнатите резултати во текот на оваа година успеавме да ја збогатиме регионалната соработка и да го приближиме регионот кон ЕУ“, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија Заев кој денеска, заедно со премиерот на Бугарија Борисов, ја поздравија работата на лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.

Покрај премиерот Бојко Борисов на отворањето на работата на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија се обратија и канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.

Македонската делегација на Самитот ја предводи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

најчитани вести

Забава

ОВЕН Работа: Под голем стрес сте на работа. Не само што имате проблеми за реализација на плановите, туку добивате лоши вести за финансиите. Љубов:...

Забава

Сансевиерија е цвеќе кое не бара многу грижа – се пресадува на секои 2 до 3 години во малку поголема саксија Почвата треба да...

Македонија

Комисијата за заразни болести денеска одржа состанок на кој не се предложени нови рестриктивни мерки за заштита од Ковид-19, потврдија за МИА од Министерството...

Македонија

Времето денеска ќе биде сончево со мала облачност, претпладне по одделни котлини со појава на магла. Преку денот ќе дува слаб јужен ветер. Минималната...