Јове Кекеновски, лидерот на ФРОДЕМ, партијата која во саботата премина во ВМРО-ДПМНЕ, го поздрави новиот предмет “Плацеви на Водно” против поранешниот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и испрати порака на Фејсбук.
-“Големите” вмровци молчеа кога овој човек нареди нестатурано да ме исклучат од партијата , затоа што го критикував и јавно ја кажував вистината. Се ќе си дојде на свое место, а многумина од нив ќе се срамат, ако воопшто имаат срам. Замислете кого бранеле, на чија страна биле и кој им бил идол?! ” – пишува Кекеновски.

Подолу во коментар продолжува да цитира дел од соопштението на обвинителството за на крај да заврши со “Пу ј’зк”.

Дали е ова порака и од Мицкоски кој во саботата го промовираше стратешкото партнерство со ФРОДЕМ
ФРОДЕМ и Јове Кекеновски беа дел од коалицијата “Никогаш Северна, само Македонија”, заедно со про-руската Единствена Македонија на Јанко Бачев. Една од главните точки во програмата им беше напуштање на НАТО и преиспитување на стратешките определби на државата, со интенција за идно членство на Македонија во Евро-Азиската Унија.
Во саботата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција објави дека ФРОДЕМ преминува во ВМРО-ДПМНЕ и со тоа се окрупнува опозицијата.
Дали врската на ФРОДЕМ и Единствена Македонија е раскината не знаеме, па останува да видиме дали можеби и про-рускиот Јанко Бачев ќе биде нов партнер на Мицкоски.
Медиа.мк пишуваше за разузнавачките игри во ВМРО-ДПМНЕ и влијанието на анти-Нато играчите врз Мицкоски и не добивме никаков демант или одговор од партијата или повиканите личности.
Со реакција на фејсбук за новата истрага се јави и Никола Груевски
“Денешната истрага има иста цел како и сите претходни и е без никаква основа затоа што тврдењата се лага очигледно смислена и конструирана со цел за моја дискредитација, понатамошен прогон, дефокус на јавноста од нивното катастрофално работење, тргувањето со националниот интерес, бројните и секојдневни проневери, криминал и рекет кој го прави власта. Се што стои во објавата со која отвориле истрага е лага и неточно и еден ден се ќе им падне. Ќе останат само траумите кои ги направиле кон сите кои ги прогонуваат и сеќавањето за времето кога Македонија е држава со најголем број политички прогонувани лица во Европа заедно со лицата прогонувани со намера да се принудат да бидат средство и алатка на власта во прогонот кон политичките неистомисленици”, пишува Груевски.
