Connect with us

Hi, what are you looking for?

Македонија

Три месеци од изборите: Заев си доби власт, Мицкоски си доби амнестии, а Македонија доби криза

Заев и Мицкоски прогласија победи, а единствена поразена е Македонија. Вечерта на 15 Јули, по затварањето на избирачките места и пребројувањето на гласачките листови двете партии влегоа во славеничка еуфорија. Тогашниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев најави голема победа со седум до осум пратеници разлика после преброени 20 проценти од гласовите во аналитичкиот центар на партијата. Неговиот опонент Љупчо Николовски, исто така најави огромно водство на СДСМ после преброени 33 проценти од гласовите во центарот на СДСМ. До крајот на вечерта се појави само лидерот на СДСМ Зоран Заев кој прогласи победа и рече дека граѓаните гласале за сигурна иднина, за заедништво и солидарност, за економски патриотизам за ред и правда. „Излегоа граѓаните и избраа подобро денес и подобро утре. Патот напред е потврден, на опасноста и кажавме јасно не“, изјави Заев. Мицкоски, од друга страна, ќе остане запаметен како прв лидер во историјата на независна Македонија кој вечерта после изборите не се обратил и не им се заблагодарил на граѓаните. Тој следниот ден излезе да соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ има поголем кредибилитет да формира влада заради тоа што партијата освоила повеќе гласови од СДСМ.


Епилогот е познат. Заев си замина на двонеделен одмор. Мицкоски го прашуваше зошто заминал, наместо да се обиде да формира влада, доколку веруваше и самиот дека победил. ВМРО-ДПМНЕ остана во опозиција и покрај општото мислење дека партијата имала можност да шутира пенал на празен гол со оглед на случајот рекет, законот за двојазичност и договорите со Грција и Бугарија.

Предвремени избори заради криза, а кризата продолжува

Двајцата лидери се договорија за предвремени избори во Јули заради опасноста од втор бран на Корона вирусот и економската криза која би го следела наесен, но и заради барањето на ВМРО-ДПМНЕ како резултат на аферата Рекет. Во моментот кога Заев и Мицкоски ги договараа изборите Македонија се соочуваше со 50-тина инфицирани на ден. Со брзите избори и мерките кои во меѓувреме се спроведуваа, бројот на новозаразени дотурка до 450. Буџетот од тогаш е оптоварен за нови стотици милиони евра долг, а економијата бележи двоцифрен пад. Струјата е поскапа, а одредени клубови работат турбо. Состојбата континуирано се влошува, мерките стануваат порестриктивни, а министерот за здравство најавува дека државата е можно да нема услови да понуди соодветна грижа за граѓаните во медицинските установи доколку продолжи ваквиот тренд.

Заев дели концесии за марихуана и пари за магариња, а Мицкоски е недопирлив за законот

На Лидија Димова, директорката на Националната агенција за европски програми и требале луксузни џипови и лимузини за да вршела надзор, а на државата не и требало ниту едно блиндирано возило и затоа Јанкулоска морала да заврши во затвор. На Заев му требало да дели концесии или пари на фризерници, но не му треба намалување на цената на струјата или набавка на компјутери за учениците кои не можат да си приуштат електронска настава.
Дневно може да се изрекуваат стотици казни за неносење на маска или прекршување на протоколите, но Христијан Мицкоски мора да биде ослободен за случаите „теретана“ и „кафана“.
„ Ја судеа без докази затоа што не одбра да биде слуга во скутот на Заев. Ова не е никаква правда, туку начин да се оттргне вниманието од вистинските скандали, криминали и неуспеси на мафијата на власт.“ , реагираше Мицкоски на пресудата за поранешната министерка Гордана Јанкулоска. Додека нејзе ја судеа затоа што одбила да биде слуга во скутот на Заев, Мицкоски во ист ден беше ослободен за случајот теретана. Кога е тој во прашање, станувало збор за правична одлука на „трас-трас“ судството и „Луј Витон“ обвинителството. Како тоа одеднаш добиле капацитет за правичност не се знае, но според Мицкоски „Нивното обвинителство не можејќи да најде ниту една темна дамка во моето однесување, денес објави дека нема ништо од случајот ’Теретана‘, дека не е прекршено ниту едно правило, или несовесно постапувано, наспроти целокупното брутално лажење на СДСМ пред изборите на оваа тема.“


Гордана Јанкулоска беше спроведена во затвор, Жарко Караџовски, поранешниот директор на Македонски шуми заглави во притвор, но Мицкоски доби уште една амнестија. Пред два дена , Јавното обвинителство обзнани дека ќе ја гони сопственичката на угостителскиот објект на ул. Боемска, но не и Мицкоски. Тоа што беше повикана цела полиција само за да се оневозможи работата на пазарната инспекција и тоа што снимките од видео надзорот завршија во буре, не значи ништо за правдата. Мицкоски е невин, иако си призна дека како партиски лидер предлагал мерки, ги критикувал владините мерки, а самиот немал поим што е донесено како регулатива.

Нема кривична пријава против Мицкоски
Затворен случајот “Теретана”
“Амнестиран” и од случаите на СЈО

Заев дели директорски места, а Мицкоски дели партиски функции и државни пари по портали

„Сложни попови и во петок мрсат“ или „Волкот сит и овците на број“. Народот има бројни поговорки за ваквата ситуација во која што се наоѓа Македонија. Заев како поискусен политичар кој ја има и меѓународната подршка го добива поголемиот дел од пленот, а Мицкоски со ограничен капацитет се задоволува со фактот дека ќе биде прв во опозицијата. Заев го дели огромниот колач на функционерски позиции, а Мицкоски дели места во Извршниот комитет и водечки места во Општинските комитети. Заев дели милиони евра помош, а Мицкоски дели стотици илјади евра по портали кои никој не ги знае. Заедничко за двајцата е дека се задоволни со позицијата во моментов. Заев разбирливо ги има своите пет минути, но затоа Мицкоски нема намера да отстапи и да даде отчет пред делегатите кои го избраа. Наместо тоа, Мицкоски со недоличен речник ги напаѓа сите кои му бараат одговорност, а власта молчи за аферите врзани со него кои се раширија во јавноста.


Во интервјуто во Фокус, поранешниот амбасадор во Унгарија Игор Есмеров индиректно укажува дека нема потреба од ароганцијата на Мицкоски контра иницијативата за вонреден конгрес со оглед на тоа што „никој од нив никогаш не споменал во ниту еден момент станови во Виена, договор за клириншки долг со Русија, Шафхаузен часовници, случувања во советничката група во Гази Баба поврзани со изградба на станбено-деловен комплекс останатите глупости“.


Засега органите на прогон не покажаа никаква иницијатива за делата кои се врзуваат за името на Мицкоски, иако тој самиот вели дека тие се целосно инструирани од Заев. Напротив, доби бонус термин за избори во Штип, кој му гарантира дека оние што го сакаат ВМРО-ДПМНЕ ќе го чекаат резултатот , што значи дека тој ќе ја задржи функцијата до крајот на годината доколку не биде закажан конгрес.

најчитани вести

Македонија

Митко Јанчев, актуелниот градоначалник на Кавадарци најавува нова кандидатура на локалните избори кои ќе се одржат наредната година, но останува енигма дали тоа ќе...

Свет

Корона вирусот може да предизвика намалување на когнитивните функции на мозокот, се наведува во новата студија која ја цитира „Тајмс“. Конкретно пациентите кои се...

Македонија

Митко Јанчев пред малку повика на протест пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ каде ќе се бара оставка од Мицкоски. “Почитувани, Митко Јанчев, претендент за претседател...

Македонија

ИТНО! ИТНО! ИТНО! Потребна е донација од крвна плазма од пациент со крвна група НУЛТА НЕГАТИВ кој веќе го прележал COVID-19! Донацијата е потребна...