Доналд Трамп му одговори на спикерот на Претставничкиот дом на американскиот конгрес, член на Демократската партија, Ненси Пелоси, која побара да се испита менталната состојба на претседателот на САД, велејќи дека таа треба да биде прегледана.
Пелоси објави дека Демократите ќе побараат од Конгресот да разгледа закон со кој ќе се формира посебен панел за проценка дали Трамп е ментално способен да продолжи да ја води нацијата, сето тоа поради загриженост за состојбата на претседателот предизвикана од инфекција со коронавирус и „недостаток на транспарентност во Белата куќа кога станува збор за здравјето на Трамп“.
Crazy Nancy is the one who should be under observation. They don’t call her Crazy for nothing! https://t.co/7vE0Jvq0dM
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) October 8, 2020
- Лудата Ненси треба да биде прегледана, одговори Трамп на својот профил на Twitter за предлогот на демократите и додаде дека не ја нарекуваат луда за џабе.
Ненси Пелоси побара да се активира 25-тиот амандман, со кој потпретседателот и мнозинството членови на кабинетот ќе имаат овластување да го прогласат претседателот за „неспособен за извршување на неговите овластувања и должности“.
Презентирајќи ја оваа иницијатива на Конгресот, таа истакна дека овој чин не е насочен против Трамп, за чија работа гласачите ќе одлучат за помалку од еден месец, туку за да се овозможи проценка на способноста на идните претседатели да ја водат земјата.