Жалбата од Еуростандард банка, против отворањето на стечајната постапка беше одбиена од Апелациониот суд во Скопје.
Според Апелациониот суд Скопје, жалбата се одбива како неоснована. Отфрлањето на жалбата вчера беше објавено во Централниот регистар, а Одлуката била донесена на трети септември.
Со тоа се потврдува Решението на Основниот граѓански суд, кој на 14 август ја отвори стечајната постапка, откако два дена претходно, на 12 август, НБМ и ја одзеде дозволата за работа на банката на бознисменот Трифун Костовски.
„Со Решение ТСЖ-817/20 од 03.09.2020 година на Апелационен Суд Скопје, жалбата на должникот Еуростандард Банка АД Скопје, изјавена преку полномошник Славко Секулов адвокат од Скопје, се одбива како неоснована. Решението на Основен граѓански суд Скопје СТ-123/20 од 14.08.2020 година, се потврдува“, стои во објавата од Централниот регистар.
Првото рочиште за стечајот на Еуростандард банка е закажано за осми октомври.
За стечаен управник на банката беше именуван Душко Тодевски.