Додека на Босанецот, Дамир Џумхур организаторите на Ролан Гарос не му дозволија да игра иако е негативен на тестот за Ковид-19, францускиот тенисер Беноа Пер стартуваше со настапи на АТП турнирот во Хамбургер иако имаше позитивен тест на коронавирусот.
Французинот се појави на теренот во Хамбург денеска на дуелот со Норвежанецот Руд, но не го издржа мечот и го предаде во вториот сет. Ова и не треба да изненадува, бидејќи Пер имаше проблеми со коронавирусот уште од УС Опен, каде што не можеше да игра.
За да бидат работите поинтересни, лекарите во Хамбург му дозволија да игра и покрај тоа што се уште има позитивни тестови на Ковид-19. Единствениот негативен тест го направил во вторникот.
„АТП треба да објасни кои се правилата. Во Париз беа спречени да играат некои играчи кои се негативни, а чии тренери се позитивни. Овде во Германија сте позитивни и можете да играте. Можам да им кажам благодарам на лекарите и на турнирот што ми дозволија да играм, но правилата мора да се знаат“, изјави Пер.