12.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Рикер: Ја поздравувам отпорноста на македонската демократија соочена со рускиот предизвик

Поранешниот амбасадор на САД во Македонија, сега задолжен за Европа и Евроазија во Стејт Департментот, Филип Рикер, за МИА изјави дека последните парламентарни избори покажале дека демократијата во земјата е во добра состојба, но предупреди дека руското негативно влијание останува опасност за сите, вклучително и земјите членки на НАТО, јави дописничката на МИА од Брисел.

Рикер попладнево учествуваше на панел дискусија за влијанието на Русија во земјите од источна Европа.

На прашање на МИА дали со зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, земјата е сега безбедна од руско влијание, Рикер предупреди дека ниедна земја не е целосно безбедна.

– Штетното руско влијание останува сеприсутно и е предизвик за земјите членки на НАТО како и за оние земји кои не се членки, го гледаме тоа и во САД каде продолжуваат да се обидуваат да се мешаат во нашите избори и преку други штетни активности, и тоа беше случај и во Северна Македонија, рече Филип Рикер за МИА.

Поранешниот амбасадор ја поздрави отпорноста на македонската демократија соочена со рускиот предизвик, посебно со оглед на изборните резултати, како што рече.

– Процесот беше резистентен и во тој поглед сметам дека изборите беа позитивен сигнал дека демократијата во земјата останува жива, изборите беа слободни, фер и добро спроведени и покажаа желба да се продолжи со оствареното, а тоа подразбира и станување триесетта земја членка на НАТО и покрај предизвикот со Ковид-19, рече Рикер.

Членството на Македонија во Алијансата е од “огромна“ важност за НАТО како и за целиот Западен Балкан, додаде Рикер, и уште еднаш повика да се остане внимателен во однос на Русија.

-Треба сите заедно да работиме во справувањето и борбата против штетното руско влијание и имам целосна доверба дека Владата во Северна Македонија ќе продолжи да работи за подобрување на земјата, да се фокусира на меѓународните односи, на безбедноста, стабилноста што ги носи членството во НАТО, видовме дека долгорочни конфликти како тој помеѓу Северна Македонија и Грција можат да се решат со прагматична дипломатија, додаде поранешниот американски амбасадор.

За време на неговото излагање попладнево, Рикер истакна дека за источна Европа “нема поголема закана од Русија“ во овој момент и нагласи дека САД се обиделе да ги решат прашањата со Москва на “поинаков начин“, но безуспешно.

-Русија сега треба да одговара и да прифати одговорност за своите дела, рече Рикер, споменувајќи ги труењето на опозиционерот Алексеј Навални, кибернападите, дезинформациите, убиствата, и нарушувањето на спогодбите со Украина.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести