Од денеска карантинот во Словенија е скратен од 14 на 10 дена, а се однесува на патници кои доаѓаат од земји со висок ризик, како и за лица кои биле во контакт со заразени лица, пренесува СТА.
Експертскиот медицински тим што ја советува словенечката Влада пред неколку дена предложи да се намали времетраењето на задолжителниот карантин од 14 на 10 дена.
– Ризикот од заразување може да биде малку поголем, но оваа мерка ќе го намали притисокот врз словенечката економија, смета епидемиологот Бојана Беовиќ.
Како што пренесува агенцијата СТА, овој предлог е поддржан и од словенечкиот министер за здравство Томаж Гантар, со образложение дека поголемиот дел од заразените од Ковид-19 покажуваат симптоми на болеста во рок од 10 дена.
На неодамнешниот состанок на министрите за здравство од ЕУ, беше постигнат поширок консензус по препорака луѓето што доаѓаат од области со висок ризик да поминат десет дена во карантин.
Доколку тестот биде негативен, тој период може да се скрати на пет дена, но сè уште не е постигнат договор таквата препорака да биде усвоена на ниво на ЕУ.