Пред некој ден, гигантот за брза храна Мекдоналдс конечно одговори на долгогодишниот мит зошто нивните плескавици не скапуваат, односно дека не можат да се расипат колку и да стојат, „затоа што се полни со адитиви“.
Тие велат дека нивната храна „се распаѓа во вистинското опкружување“.
„Без доволно влага – без разлика дали е во самата храна или во околината – бактериите и мувлата може да не растат, па затоа е малку веројатно дека ќе се распадне“, соопшти компанијата во објавата на својата веб-страница.
Мекдоналдс не наведе што ги поттикнало да ја дадат оваа изјава, иако со години се шпекулираше за нивните плескавици, и во позитивен и во негативен контекст. Сепак, „виновникот“ за тоа е веројатно познатиот ТикТок.
На таа апликација се појави видео на кое се гледа добро сочуван „24-годишен хамбургер“, а тоа видео стана вирално, со повеќе од половина милион прегледи.
На краткото видео жена отвора кутија за чевли, во која со години чувала хамбургерот Мек и помфритот, кои наводно сè уште се во оригиналното пакување од 1996 година.
„Храната подготвена дома што е оставена да дехидрира може да постигне слични резултати. Погледнете внимателно, хамбургерите што ги гледате веројатно се исушени и дехидрирани“, велат од компанијата и додаваат дека нивните плескавици се 100% чисто говедско месо, без конзерванси.