Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, потврди дека не се двоуми поради одлуката за отворање на амбасадата во Ерусалим, без оглед на осудите за тој потег од страна на Европската унија.
Хоти рече дека тоа е обврска што Приштина ја презеде и дека ќе продолжи со спроведувањето на тој договор.
– Нашата перспектива е европска перспектива. Немаме друг пат, рече Хоти.
На констатацијата дека одлуката за отворање амбасада во Ерусалим не се совпаѓа со надворешната политика на ЕУ, Хоти рече дека Приштина ќе продолжи да ја усогласува својата политика со европската политика.
– Оваа одлука е еден од елементите на договорот што Белград и Приштина го постигнаа на 4 септември во Вашингтон, рече тој.
Како што објаснија европските официјални лица за Радио Слободна Европа, самото прашање за отворање на амбасади во Ерусалим било неочекувано и нешто што многу го изненадило Брисел.
Денес во Брисел се одржа третата рунда на дијалогот на високо ниво меѓу Белград и Приштина.