Српскиот претседател, Александар Вучиќ и премиерот Косово, Авдулах Хоти му потврдија на високиот комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел дека им даваат најголем приоритет на евроинтеграциите и продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, објави Европската служба за надворешни работи.
Во пресрет на денешното продолжување на дијалогот во Брисел, Европската служба за надворешно дејствување објави дека Вучиќ и Хоти во заедничката изјава се обврзаа да ги удвојат своите напори да обезбедат понатамошно усогласување со ЕУ во согласност со преземените обврски.
– Во оваа насока, неодамна договорените документи во Вашингтон, врз основа на претходните обврски преземени од двете страни во врска со дијалогот, може да дадат корисен придонес за постигнување на сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализирање на односите, се вели во соопштението на Европската служба за надворешни работи.
Пред состанокот, Борел најави дека ќе се дискутира за прашањата на малцинските заедници и за финансиските побарувања и имотите.
– Двете теми се многу чувствителни и важни за идните односи меѓу Србија и Косово и за секојдневниот живот на граѓаните – рече Борел.
Во снимената изјава пред почетокот на третата рунда од обновениот дијалог во Брисел, тој ја поздрави заедничката изјава во која двете страни потврдија дека и даваат најголем приоритет на интеграцијата во ЕУ.
– Се разбира, нивните позиции се разликуваат, но тие се тука за да најдат заеднички јазик и преку решавање на сите отворени прашања, да работат на постигнување сеопфатна нормализација на односите – посочи Борел.
Тој изјави дека стручни тимови од Белград и Приштина во текот на летото работеле на прашањата за исчезнатите, раселените и економските односи.