Договорот меѓу Белград и Приштина е резултат на поинаква дипломатија на американскиот претседател Доналд Трамп, напиша специјалниот пратеник во Белата куќа Ричард Гренел во авторски текст за американската веб-страница „Хил“ и оцени дека Александар Вучиќ и Авдулах Хоти направиле огромен чекор кон долгорочно решение на историскиот конфликт со потпишување на договорот во Вашингтон.
Гренел наведува дека не може да се најде ниту еден американски медиум што известува за содржината на „историскиот договор меѓу Србија и Косово“.
Гренел наведува дека од 2017 година, позицијата на САД во врска со „конфликтот меѓу Србија и Косово“ е дека чекорите кон економска нормализација ќе ја намалат силата и важноста на „жешките политички прашања“ во тој спор.
Гренел рече дека двете страни се согласиле да изградат патна и железничка врска помеѓу Белград и Приштина и дека се обврзале да направат заедничка физибилити студија за можностите за поврзување на железничката инфраструктура со пристаништето на Јадранско Море.
Тој посочи дека двете страни ќе соработуваат со Американската корпорација за меѓународно финансирање на раџој и извозно-увозната банка за да добијат поддршка на овие проекти и финансирање за мали и средни претпријатија. Тој додава дека договорот ќе овозможи слободен и ефикасен проток на луѓе и стока преку административните премини.
– Што се однесува до самата граница, Србија и Косово се согласија да го отворат и операционализираат објектот за заеднички премин Мердаре, меѓусебно да ги признаваат дипломите и професионалните сертификати и да се приклучат на мини-Шенген зоната најавена од Србија, Албанија и Македонија во октомври 2019 година. Наскоро на Србите и Косоварите ќе им биде полесно од кога било, да живеат, да работат, да тргуваат и да учат меѓусебно во соседството, компаниите и универзитетите, рече претставникот на Доналд Трамп, Ричард Гренел.