Македонија доби бинационална Влада. За прв пат после децении, Република Македонија доби Влада во која членуваат само министри Македонци и Албанци. Прв пат во македонската Влада, нема НИТУ ЕДЕН министер Турчин, Ром, Србин, Влав или Бошњак, пишува Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Според пописот во 2002 (тој е последен) околу 10% од граѓаните на Република Македонија се припадници на помалите етнички малцински заедници. Нивното значење во градење на државата Македонија е големо и забележливо уште од првото заседание на АСНОМ. Овие етнички малцински заедници секогаш и секаде биле горди и лојални граѓани на Република Македонија, вели Димовски
Додава дека покрај многуте политички слабости и ризици по државата одбрал да ја потенцира оваа критична точка, затоа што има најголем ризик по политичката иднина на државата Република Македонија…
-Жалам што овој елемент на суштинска слабост на Владата, или намерна поставеност, не доби на поголемо внимание минатите денови…
Партиите на помалите етнички заедници што и понатаму, во вакви околности, ќе останат во лојална коалиција со СДСМ докажуваат дека имаат дефицит на политичка сила за вистинско застапување на своите членови и гласачи…
Од висок државен интерес е ВМРО-ДПМНЕ да понуди политичка платформа за интеграција на интересите на граѓаните припадници на помалите етнички (па и културолошки) заедници кон својата борба за еднакви права на сите граѓани, а со тоа и зачувување на унитарниот карактер на државата и мултикултурниот карактер на општеството…
СДСМ докажа дека нема никаков политички интерес и капацитет да работи за интересите на помалите етнички малцинства, бидејќи се однесува кон Македонија вака како што покажува кога е на власт…
ДУИ докажува дека не ги ни забележува дека постојат овие 10% од наши сограѓани, напиша Димовски на Фејсбук