Connect with us

Hi, what are you looking for?

Македонија

АНАЛИЗА: Што добива, а што губи ВМРО-ДПМНЕ

По вчерашното изгласување на Влада во македонскиот парламент и формалниот чин на формирање на новите владини институции, медиа.мк анализира.

Наспроти еуфоријата која се чини дека на некој начин вештачки беше наметната во членството од страна на раководството на опозицијата и покрај релевантните анкети на реномирани агенции кои од самиот почеток предвидуваа ” пирова ” победа на владејачката партија, сепак синоќа парламентот ја ”овери” со изгласување на Влада.

Има неколку клучни поенти за кои јавноста е должна да ги запознае, а тоа е: 

Прво, стратешка грешка на опозизицијата, односно на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски беше тоа што на погрешен начин влезе на овој политички мегдан со Зоран Заев и направи низа на грешки кои му донесоа пораз и пад од најмалку 145.000 гласови во споредба со парламентарните избори во 2016 година.Мицкоски, не успеа во овие три години како Претседател на ВМРО-ДПМНЕ да покаже обединувачко лидерство, микроменаџирање со процесите, ниту кадровски успеа фронтално да ја засили партијата.Се чини дека ги направи истите грешки кои своевремено како лидер на СДСМ ги правеше Бранко Црвенковски, а тоа е, наместо отворена врата кон секој еден опозициски расположен граѓанин, тој се затвараше во еден минорен и тесен круг на ” сивата еминенција ”, во што неопределените гласачи не успеаа да се пронајдат. Лидерство во политиката подразбира менаџирање, создавање концепти, понуда на програма и проекти, но и капацитет за привлекување на политички активизам кај неопределените гласачи. Но, наспроти ова, Мицкоски можеби играше на тврдокорната карта која му донесе лош имиџ кај меѓународниот фактор, етикета дека надежниот професор, во суштина сеуште го трасира истиот пат на едни времиња одамна завршени во Македонија. 

Второ, клучната грешка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше одлуката најголемата опозициска партија да се приклучи во јатото на ” Бојкотирам”, но и тоа го стори по принципот ” ни риба, ни девојка”. Ниту одлучно ги поддржа протестите кои во тој момент се одвиваа, ниту пак институционално покажа солидарност со оние луѓе кои протестираа. Му се случи и пресудата на луѓето опфатени со предметот 27 април, каде беа осудени на казна затвор од над 200 години. Тоа беше момент за кои членството бараше реакција од раководството на партијата, која само памфлетски кажуваше по збор-два, но не се преземаа никакви конкретни чекори од аспект на протест, напуштање на парламентот во знак на револт, или пак седнување на маса со Заев и наоѓање на политичко решение за тој случај. Тоа ни најмалку не би било поткопување на правната држава, бидејќи секој правен процес произлезен од политичките кујни, секако дека легитимно би подлежел и на политичка корекција, односно преку парламентот, кој единствен има правна и уставна сила за затварање на политичко-правни предмети. Мицкоски во овој, а и останатите предмети од случаите на СЈО, мораше да види шанса за нова политичка епизода во Македонија. 

Ако се вратиме назад, политичката криза во Македонија доби на интензитет некаде почетокот на 2015 година, со објавување на бомбите од страна на тогаш опозициската СДСМ, што со себе повлече еве веќе 5 години перманентна политичка криза, како и политичко-судски лавиринти на предмети произлезени од истата. Опозицијата мораше да покаже капацитет за да ја спушти топката и условно кажано да испреговара ” мир”, па во такви услови да излезе на едни европски и релаксирани избори. Наспроти ова, Мицкоски влезе во филмот на Заев од 2015 година, почна со објавување материјали, на кои му беше одговорено со контра објави, кои само го неутрализираа и повеќе разочараа неопределеното граѓанство, кое резултираше со мала излезност, а голема пасивизираност и на крајот повторно победи СДСМ. 


Се чини дека ПР стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ тотално погрешно се постави во медиумскиот сегмент, и на Мицкоски му се залепи етикета на антизападен, суетен, нарцисоиден и осветољубив политичар, а тоа се карактеристики спротивни на принципите кои се практикуваат во држави кои се наши стратешки партнери, како САД и ЕУ.

Третата грешка беше отворањето фронт со свои сопартијци, кои своевремено и по големина и по авторитет несомнено имаат оставено огромен бекграунд во ВМРО-ДПМНЕ. 
Направи низа на тектонски пореметувања во една цврста и симетрична партиска структура, на која тешко можете да и објасните дека треба да го прифати на пример Сафет Бишевац на листа, а дека лица од типот на Никола Попоски, Сашо Мијалков, Ивица Коневски и останатите кои 10 години му носеле победи на членството, се новите непријатели. 


ПР стратезите на Мицкоски тотално промашија и со кампањата на Гордана Силјановска, која си промовираше една либерална кампања, додека партискиот лидер на собирите зрачеше со тврда реторика. Граѓаните приметија асиметрија и не координираност, нетипична за таа партија. Згреши и со кадрите кои наместо контрола и гаранција за фер изборен процес, формираа паралелен систем во МВР, со одврзани раце на сомнителни лица, кои во меѓувреме дури и ги загубија безбедносните сертификати, по барање на стратешките парнери и НАТО. Грешка беше и тоа што Мицкоски се потпре на портали и медиуми за кои по извештаите на Стејт Департментот и ЕК, читаме дека се со изразена руска провинциенција, како и финансирани од држави кои претставуваат пречка за нашите евроатлантски перспективи. И клучно беше бегството на Мицкоски од парламентарните листи и стратегијата да биде шпицен кандидат. Тоа беше јасен сигнал дека Мицкоски бега од директен мегдан и пораз на гласачките места, што граѓаните со демохристијанска идеологија го препознаа како чин на страв и апстинираа од изборите.


Сите овие работи придонесоа за една летаргична состојба во ВМРО-ДПМНЕ, која пак ја чекаат локални избори веќе идната есен. Резултат на овие стратешки грешки беше синоќешното формирање на Влада, и веќе познатиот активизам кај дел од видни поранешки и актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои бараат вонреден конгрес на партијата и избор на ново раководство.Иницијативниот одбор кој деновиве врши страшен и константен притисок врз Мицкоски е доказ дека наредниот период ќе има сериозни превирања во ВМРО-ДПМНЕ. Се чини дека овој пат превирањата во ВМРО-ДПМНЕ не се од индивидуален карактер, туку многу подлабоки од аспект на идеолошкиот иден правец на таа партија. Доколку Мицкоски свика конгрес, или пак конгресот се организира сам, сеедно, мислам дека првата задача треба да биде јавна реафирмација на политичките и партиски постулати на ВМРО-ДПМНЕ околу стратешките чекори на таа партија. 

Редно е и да се напомене дека, после референдумот и гласањето на уставните измени во парламентот, се случија два изборни циклуси. Едниот беа ланските претседателски избори и сегашните парламентарни. На двата победа издвои коалицијата која ги спроведе и афирмираше процесите на промена на уставот, а загуби Мицкоски. Тоа е јасен сигнал кој сериозно во предвид мора да го земе и ВМРО-ДПМНЕ околу граѓанското признавање, односно не признавање на уставните измени и референдумот. Едноставно, со самото учество, а и признавање на тие два изборни циклуси, Мицкоски го легитимираше новото уставно име Северна Македонија. Едно е јасно, дека ВМРО-ДПМНЕ, цврсто и ефикасно и е потребно на Македонија.

Имаме Влада која е на стаклени нозе и која мора да биде под засилен мониторинг од опозицијата. Доаѓа и време за добивање на почеток на преговорите со ЕУ, кој пак само по себе носи и финансиски, освен законски привилегии за Македонија. Опозицијата мора да учествува во одредени процеси, некогаш конструктивно, а некогаш и критички, за да биде препознаена од Брисел како рамноправен партнер. Време да се случат одредени промени на политичката криза, дури и кадровски промени во двете партии, затоа што апстиненцијата на граѓаните јасно покажа незадоволство, а демократскиот успех е што поголемо учество на граѓаните на избори, а не што помало. 

Политиката не би била политика доколку е игра во која секој би можел да биде селектор.

медиа.мк

најчитани вести

Македонија

Медиа.мк дознава дека уапсените се браќа од Кичево кои важеле за страв и трепет во градот. Се работи за Ариф и Шпенд Алили кои...

Македонија

Денес на прес конференција Христијан Мицкоски соопшти дека Воислав Зафировски од политичката партија Интегра преминува во Вмро Дпмне, за почеток како член, но не...

Македонија

Бледиот и исплашен израз на Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа повеќе отколку прочитаните редови на однапред приготвените потсетници за најава на „катарзата“...

Македонија

Седум непознати портали за пошироката јавност , со скромна посетеност и без соодветен импресум или новинари кои работат во нив, добиле солидна сума од...