Увозот на работна сила од Западен Балкан имал позитивно влијание врз германскиот пазар на трудот, според истражувањето спроведено од Институтот за истражување на пазарот на труд во Нирнберг.
– Околу 54 проценти од вработените во рамките на правилата за вработување на лица од Западен Балкан се квалификувани работници, четири проценти се високо квалификувани, а 42 проценти се помошни работници – произлегува од извештајот.
Новата регулатива за вработување на работници од Западен Балкан се воведе на почетокот на 2016 година, бидејќи земјите од овој регион беа вклучени во списокот на т.н. безбедни земји, што практично ја отфрли можноста за стекнување на азил за граѓаните на овие земји во Германија.
Критичарите тврдат дека ова доведе до тоа да во Германија пристигнуваат исклучиво неквалификувани работници во секторот со пониски плати, како и постари работници, а се вели дека заради нивниот краток работен век до пензија и ниските придобивки од социјалното осигурување по пензионирање, тие ќе паднат на товар на германскиот систем.
Сепак, студијата за ИАБ, исто така, покажа дека претежно помлади работници доаѓаат во Германија преку правилата за Западен Балкан. Во 2016 и 2017 година 73 проценти од работниците биле под 40-годишна возраст, а 86 проценти се мажи. Најголем процент, 44% од нив се вработени во градежништвото, а 13% во гастрономијата.
– Интеграцијата во пазарот на трудот на лицата кои пристигнале во Германија преку ова правило, земајќи ја предвид стабилноста на работното место и заработката во однос на другите имиграциски групи и локалното население, беше успешна – се заклучува во студијата.